Став на Костовски

НЕПРИФАТЛИВО

Доколку сакаме да градиме граѓанско општество, неопходно е да се направи нова територијална поделба на општините каде етникумот ќе исчезне во интерес на заедништвото.

Актуелната владина коалиција, која едвај се држи на нозе се наоѓа во една турбулентна состојба на нефункционалност. Сакајќи да го зголеми мнозинството во Собранието на Република Македонија, таа влезе во ќорсокак и подгреа нови побуди во албанскиот политички блок за прелевање на кризата од Косово во Македонија со предлогот за создавање на албански општини по теркот на српски општини во Косово. Македонија не е Косово, ама очигледно е дека влијанијата од Косово силно ја погодуваат Република Македонија. Сведоци сме дека Алтернатива на Албанците, заедно со Огнената група на ДУИ, поддржуваат идеја за формирање на сојуз на албански општини. Мене ваквиот предлог воопшто не ме изненадува, бидејќи тоа е само чекор кон можната федерализација на Република Македонија. Ваквиот мој став е базиран на територијалната поделба направена во далечната 2004 година, каде истата ги промовираше етничките заедници во Република Македонија, каде општинските граници се искроија по етнички основ, каде однапред се знае која етничка заедница ќе ја води таа општина. Граѓанскиот концепт на локалната самоуправа на која база требаше да се направи територијалната поделба е длабоко закопан во земја. Јавноста мора да знае дека темелите за идна федерализација на Република Македонија лежат токму во територијалната поделба. Доколку сакаме да градиме граѓанско општество, неопходно е да се направи нова територијална поделба на општините каде етникумот ќе исчезне во интерес на заедништвото. По кој пат ќе тргне Македонија?, многу зависи од нас, граѓаните.

Меѓу луѓето се практикуваат мудрости кои во основа го пресликуваат нашето секојдневие. Умееме да кажеме: „нити е жена, нити е риба“, па така и за Република Македонија, нејасноста дека сме унитарна држава, а функционираме на локално ниво како федерална држава, зборува многу. Мора сами со себе да расчистиме што точно сакаме користејќи ги позитивните примери кои денес се практикуваат во светот. За мене е неприфатлив недефинираниот конечен статус на Република Македонија.

 

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %