Најдобар подарок за најсаканите е токму чоколадата
Многу детали и љубов! Вака некако се опишува работата на Назмије Шаќири од Тетово. Таа рачно подготвува мали чоколадни чуда за секоја прилика кои се јадат со очи!
Назмије, како дојде до идејата да изработуваш персонализирани чоколади?
Најдобар подарок за најсаканите е токму чоколадата, посебно кога ќе се комбинира вкусот и персонализираните текстури. Имав среќа да се запознам со магијата на чоколадото во некои градови низ Европа при што почнав да следам обуки на интернет за време на пандемијата за начинот на правење на персонализирани чоколади. Заради другите ангажмани со работа и студии, идејата за отворање бизнис беше далеку од моите планови. Моите најблиски роднини/другари ме поттикнуваа да ја претворам мојата пасија за чоколадо во мал онлајн бизнис за персонализирани чоколади, бидејќи идејата беше да се реализира нешто убаво, вкусно, персонализирано по прв пат во нашата земја. Клучот беше да се знае како да се организира времето и да се најде рамнотежа меѓу работата, студиите и изработување персонализирани чоколади. Иако во почетокот беше тешко, но пак сакав да почнам нешто од нула и научив толку многу во тек на ова патување.
Уживам правејќи персонализирани чоколади, бидејќи сакам да создавам различни видови на чоколадо како и да изработам и букети од нив. За да има успех треба да се работи напорно и да се има пасија. Јас сум отворена за учење нови техники, да пробам нови вкусови и да следам повеќе видеа со упатства кои може да ме инспирираат за мојата работа, која е предизвикувачко бидејќи се посветувам на квалитетот на моите продукти, затоа и користам белгиско чоколадо и тоа со повеќе вкусови.
Да се биде чоколатиер е креативна, интересна и забавна работа каде што може да ја пуштите вашата имагинација на слобода и да направите интересни дизајни. Но, тоа вклучува и многу напорна работа, ентузијазам и посветеност.
Најпредизвикувачкиот момент беше недоволното знаење за водење бизнис и за тоа ми требаше време како ефикасно да го водам мојот мал бизнис и тоа го постигнав со поддршката и советите од моите најблиски. Наидов и на многу деловни луѓе кои ми помогнаа и ме поврзаа со други компании кои ми помогна во развојот на мојот бизнис.
Како изгледа процесот на изработка на чоколади?
Вистина е дека сите сакаат чоколадо, но чоколадните креации се толку сложени и неверојатни, што е посебен вид на магија. Правењето чоколадо е долг и комплициран процес. Мора да се совладаат некои многу прецизни техники, вклучително топење, темперирање, украсување и обликување; потоа состојките, процесите и специјализираната опрема што се користат за нивно правење. Најважно е да сакате да им овозможите задоволство на другите и да видите дека ги ценат вашите креации. Исто така, треба да се има трпение и одлучност за да ги правите работите како што треба. Првиот чекор е идејата за персонализираното чоколадо, по кој повод се нарачува, текстурата, вкусот, па до најситните детали. Потоа следат процесите за топење, темперирање, цртежи и украсување. Украсувањето е делот каде се додаваат безброј елементи како цвеќиња, листови, сушено овошје, лешници, бадеми, шеќерни бисери и слично, што ја прави секоја нарачка единствена. Последниот дел, исто така важен е дизајнот на пакувањето на чоколадото и тоа оди врз основа на концептот и боите употребени во чоколадото.
Дали клиентите имаат „невозможни“ барања и кои се повратните информации?
Во повеќето случаи, клиентите ми кажуваат само за концептот, потоа остават на мене да размислам за идејата. Тоа е најубавиот дел на работата бидејќи ми дозволуваат да ја пуштам мојата имагинација за уникатни персонализирани идеи. Во мојата страна на Инстаграм и Фејсбук никогаш не употребувам слики од интернет, слики од производи што не се моја работа, така што се што е истакнато на мојата страна е моја работа и може да се изработи. Има нарачки што ги правам по прв пат по нарачка на клиентите, но за да избегнам можно незадоволство, прво правам проби, им ги праќам, ако им се допаѓа, ќе нарачаат. Не примам нарачки што не можам да ги изработам како што јас би сакала, затоа досега клиентите се многу задоволни од мојата работа.
Најважниот дел за мене се повратните информации од клиентите. Досега се многу позитивни, и се чувствувам неверојатно среќна кога моите клиенти се задоволни како за уникатната текстура така и за вкусот. Бидејќи дел од нив не ги познавам, добивање позитивни коментари од нив, влијае многу на мојата мотивација за понатамошна работа.
Која била најголемата нарачка која си ја направила?
Најголемите нарачки се за свадби и нарачки за различни празници и пригоди. Тогаш количините се меѓу 400-500 парчиња чоколатца.
Кои се твоите планови за во иднина?
Мојата цел е да отворам моја продавница за чоколади во Тетово по европски стил, да имам свој тим, за да може работата да се одвива непречено и да го видам Mias chocogifts како бренд со дистрибуција во сите градови на Северна Македонија.