Колумни

Мојот директор Форе

Почитувани читатели, денес мојата колумна ќе ја посветам на господинот Никифор Никифоровски, долгогодишен генерален директор на Технометал-Македонија во време на бившата СФРЈ и претставник на фирмата МАК СТИЛ во Лондон, сопственост на Технометал-Македонија.

Кога говориме за фирмата Технометал-Македонија, нејзината историја ја бележат две клучни фигури, а тоа се Санде Мицковски и Никифор Никифоровски.

Се вработив во Технометал-Македонија во 1971 година на тукушто објавен конкурс за прием на млади економисти.

Првото работно место ми беше приправник и траеше цели 12 месеци. За време на приправничкиот стаж, високите структури во фирмата ја пратеа посветеност кон работата на секој вработен и трајно решение за прием во фирмата.

Приправничкиот стаж се третираше како вработување од времен карактер. Кога се вработував генерален директор беше Никифор Никифоровски со прекар Форе, кој важеше за многу добродушен и добронамерен човек, кој на своите директори по сите ОЗТ-иња им даваше јасни инструкции како треба да се развива фирмата со вклучување на млад и едуциран кадар во работењето.

Во тие времиња Технометал-Македонија имаше повеќе од 2000 вработени со ОЗТ за внатрешен промет, надворешен промет и трговија на мало. Со еден збор, немаше ниту еден пропуст во организациската поставеност да фирмата Технометал-Македонија избие меѓу водечките фирми во бившата СФРЈ. Само за илустрација ќе споменам дека Технометал-Македонија се вбројуваше меѓу првите 100 фирми по вкупен промет во тогашна Југославија, завземјќи го силното 17 место. Пред Технометл-Македонија, беа трговските фирми на Генекс и Југометал.

Првата средба со Форе беше во април месец 1971 година кога бевме примени во неговиот кабинет како веќе одбрани приправници кои треба да се вработат од 1-ви мај.

Неговата секретарка Душка со нејзиниот мајчински однос кон нас приправниците, нè нагости како да сме дома, со богата софра која ретко можевме да ја видиме во нашето секојдневие. Форе уште на првата средба дозволи да го чувствуваме како наш колега и приправник, воспоставувајќи со секој од нас непосреден однос. Неговата става, надградена со многу урбани манири зрачеше со харизма и респект кон луѓето, а неговата едноставност во комуникацијата направи Форе од прва да ни се „залепи“ за срце и душа.

Со секој од нас приправниците, вкупно 6, разговараше распрашувајќи се за нашите семејства, школување, нашето хоби, нашите секојдневни проблеми типични за млади луѓе.

За мене посебно покажа интерес околу мојата здравствена состојба, бидејќи во моето досие пишуваше дека имам извршено операција на моето 12-палечно црево на 18 годишна возраст. Тој детално ме распраша кој ме оперирал, каде сум опериран, какви лекарства користам и кога разбра дека сум здрав, иако со многу слаба телесна тежина која не поминуваше 60 килограми, тој ми ја даде првата силна поддршка велејќи ми: „од тебе ќе биде добар трговец или надворешно трговски работник“. Ми значеше неговото мислење.

Со секој од нас приправниците разговараше и за нашите афинитети, поточно со кој стопански области сакаме да се занимаваме при нашето трговско работење.

Јас по негов избор и со поддршка на секторскиот директор Душан Ристиќ, бев определен да работам во ОЗТ увоз-извоз, сектор-неметали.

Денес сум многу благодарен на овој голем чин кој го направи Форе. Секторот неметали не беше многу атрактивен во споредба со останатите сектори како црна металургија, обоена металургија, опрема, широка потрошувачка, ре-експорт и. т.н. меѓутоа токму работењето во овој сектор, каде номенклатурата на производи беше многу широка, мене ми овозможи длабоко да навлезам во ова поле. Токму искуството поминато во овој сектор беше поривот за мојата животна определба и мојот личен успех.

Средбите со Форе секојпат беа топли и срдечни, а на празниците 1 Мај и Нова Година низ целата дирекција ечеа зурли и тапани. Сите вработени ги чувствувавме тие денови како нешто посебно.

После мандатот на генерален директор, Форе замина како делегат на Технометал-Македонија во фирмата Мак стил, Лондон. Во време на неговиот мандат во Лондон и јас бев испратен таму да изучувам англиски јазик во период од 6 месеци.

Другарувањето со Форе од шестмесечниот престој во Лондон ќе го опишам преку две случки.

Вообичаено слободното време го користевме со играње покер, во мали парични износи. Јас секојпат бев губитник, а Форе, на нему својствен хумор ќе констатираше „пара на пара иде“. Ресторанот „Олд Дач“ во Лондон беше мојата најомилена дестинација. Неумешноста да се снајдам во кујна, Форе многу добро ја знаеше и честопати со повод или без повод ме канеше на ручек на специјална пица со дијаметар од 1 метар. Не можејќи да ја изедам целата пица, јас како добро воспитано дете, домаќинче, ќе си ја спакував за да ја грицкам дома. За Форе важеше правилото „биди светски човек, ама биди прагматичен“. Зошто ова го велам? При посетата на мојата сопруга во Лондон, Форе нè изнесе на вечера во најелитниот хотел Хилтон, каде се служеа специјалитети и врвни вина од сите краишта на светот. Јас со дефицит во килограми, со веќе изгубени 10 кила од својата тежина за време на мојот престој, очекував дека ќе се изнајадам многу богато и убаво. Прекрасно сервирана маса со филмска послуга, каде 4 келнери во исто време ни сервираа јадења, мислиш кореографски настап е, јас, што да видам, мало парче месо, бифтек од 100 грама, каде половината е коска! Зачудено гледам во Форе и му велам: „Форе, јас сум гладен“, а тој ми вели: „во ваков елитен ресторан не доаѓаат гладни луѓе, Мек Доналд ти е долу, симни се и јади“.

Почитувани читатели, тоа беше Форе. Денес не е меѓу нас, ама сеќавањата на него и неговата поддршка во мојот живот се длабоко врежани.

Форе имаш наследници кои денеска ти го носат твоето име и презиме. Да се живи и здрави!

 

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %