Луѓе

Млечно божество

Сликај го сирењето, како тргнало нема уште долго да го има! Вака започна разговорот со Филип Луканоски кој ни ја раскажа приказната за создавањето на Галичкото сирење кое е добро познато по својот неповторлив вкус и уникатен начин на производство.

Филип е сопственик на кафеаната кај „Баба и Деде“ која се наоѓа на самиот влез во Галичник. Веднаш штом седнавме, ни посака топло добредојде со чашка домашна ракија, вртена пита подготвена од баба му и парче овчо галичко сирење кое е неповторлива комбинација со сочен домат набран од бавчата до кафеаната!

Колку е добро сирењево, имаш ли и галички кашкавал да пробаме, со возбуда реков.

Филип иронично се насмевна и рече: Млеко има одвај и за сирењето, работат само три бачила кои произведуваат 12-14 кила сирење дневно додека во минатото количината се мереше во тони кои произлегуваа од повеќе од 3000 грла на овци кои даваат млеко нахранети од галичката паша!

Збунети го прашавме зошто е тоа така? Зарем не се ценети и барани млечните производи од ова поднебје?

Тогаш тој не однесе во просторијата каде што порано се правеле сирење и кашкавал, а денес само се чуваат кантите на температура погодна за сирењето.

Во следните 15 минути добивме лекција за процесот на правење галичко сирење  од собирање на млекото, неговото вриење, „месењето“ на кашкавалот, созревањето, правење на солилото…

Тогаш сфативме дека е ова ѓаволски тешка работа која ретко кој сака да ја работи бидејќи за автентичноста на производот се користи метод кој е стар стотици години и при тоа не се употребуваат никакви модерни машини!

Од Галичник си заминавме со знаење плус и канта сирење! Се надеваме дека и во иднина ќе можеме да го вкусиме оригиналното „млечно божество“ направено од рацете на врвните галички мајстори кои се тука да ја зачуваат традицијата!

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Луѓе

Next Article:

0 %