Став на Костовски

Македонци – Европејци

Никола Димитров – Nikola Dimitrov те познавам тебе, твоите родители и секојпат негувам длабока почит кон тебе и твоето семејство. Европското знаме, генезата на неговото поставување и уште повеќе што тоа знаме фактички нуди Обединети во различностите, означува како Европејците се здружиле во ЕУ, во името на мирот и просперитетот, истовремено збогатени со различните култури, традиции и јазици на континентот. Ние сме Европејци, бидејќи европскиот континент е нашиот дом. За да го ставиме Европското знаме на протестите пред Владата, мора да се има причина која за жал јас не ја гледам. Ја користам пригодава да ве потсетам тебе и целата Македонска јавност за три и половина деценискиот пат на Македонија кон Европското семејство и голготата или поточно маките кои ние како држава ги имаме поминато, а посебно ние, Македонците. Во 1991 година по осамостојувањето од уставното име Република Македонија, бевме прекрстени во ФИРОМ, токму со голема заслуга на денешната Европска Унија. ФИРОМ беше производ на членка на Европската Унија-Грција.
Република Македонија од 1945 година па се до 2002 година беше држава на Македонскиот народ и другите етнички заедници. Војната во 2001 година го донесе Охридскиот рамковен договор во кој што ние Македонците станавме во Уставот на Република Македонија една од етничките заедници кои живеат во Македонија, читај ние, Македонците ја изгубивме сопствената татковина, а резервна немаме. Повторно голема заслуга за овој чин ја има Европската Унија. Во 2018 година кога ти беше Министер за надворешни работи, се потпиша Преспанскиот договор каде што јас тебе слепо ти верував, убеден дека ги штитиш интересите на Република Македонија и посебно на Македонците и по тој договор ние станавме Северно-Македонци. Денес предлогот е Француски на кој реагираме ние, Македонците, повторно предизвикан од членка на Европската Унија.
За која Европска Унија ти ми пишуваш? Претпоставувам дека тоа е истата Унија каде ние прво станавме ФИРОМ, Унија која ја поттикна војната во 2001 година каде ние Македонците ја изгубивме сопствената држава и истата Унија каде ние станавме Северно-Македонци. Премрежијата низ кој минуваме се во голем дел заслуга на ЕУ. Три и половина децении се бориме да добиеме датум за започнување на преговори на 37 поглавја. Не 10, не 20, ќе ни требаат минимум 50 години да Македонија ги исполни критериумите на сите овие поглавја за да стане членка на ЕУ. Никола, војната во Украина носи нови тектонски нарушувања во светскиот поредок. Светот никогаш повеќе нема да биде ист каков што беше пред почетокот на војната во Украина. Светот денес е поделен. Унијата како таква е најранлива и загрозена во нејзиното опстојување. Дали истата ќе успее да опстои на предизвиците пред кои е исправена, тоа јас и ти не можеме да го гарантираме. Силната економија на ЕУ е разнишана, а тоа може да значи и внатрешни поделби во самата Унија кои несомнено ќе се појават до крајот на оваа година. Ти порачувам, врати се во прегратката на Македонците да ја изградиме нашата Македонија и биди убеден дека само така ќе можеме да станеме Европејци.

Можеби ќе ви се допадне

Став на Костовски

БОРЦИ

Борци против организираниот криминал во Република Македонија Поривот за овој став се должи на вчерашната ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Next Article:

0 %