Кукавично јајце на повидок
Во изминатите три седмици Република Македонија експресно ја потпиша капиталната инвестиција од стартни 1,3 милијарди евра за само 108 километри автопат со фирмата Бехтел-Енка. Потпиша договор со фирмите кои треба да го вршат надзорот на оваа инвестиција од вкупно 22 милиони евра, исплати блиску 250 милиони евра авансни средства за отпочнување на оваа инвестиција и деновиве сме сведоци дека по брза постапка сака да промени 9 закони во Собранието на РМ, кои закони треба да овозможат повластици на изведувачот Бехтел-Енка за сметка на нас, граѓаните во Република Македонија. Сите горенаведени настани се одвиваат со неверојатна брзина и леснотија. Очигледно, некому му се брза. Зошто?
Најнапред капитална инвестиција во ваков обем во Македонија не постоела. Ова е прва инвестиција од таков вид. Идеите и проектите за градење на вака обемна инфраструктура се правени далеку од очите на јавноста, стручната фела и сите владини и невладини организации кои директно или индиректно се дел од оваа инвестиција. Денес на социјалните мрежи се огласија и здружението на археолозите кои упатуваат на фактот дека со ваква динамична изградба, без детална анализа на терените, може да дојде до уништување на нашето културно наследство. Вториот факт е што сите 108 километри се градат во западна Македонија, Јас, а претпоставувам и многумина како мене размислуваат зошто капитална инвестиција од ваков размер не ја опфаќа целата територија на Македонија. Изградба на автопатишта кои одат на товар на сите граѓани на Република Македонија, ама ќе бидат реализирани само во западниот дел.
Не гледам причина за толку забрзано поврзување со Албанија, а занемарување на поврзувањето со Бугарија, Србија, Косово, па и Грција. Многумина ја паметат мапата на Илирида која е токму на територијата каде треба да се изведе оваа капитална инвестиција. Не сакам да верувам дека оваа капитална инвестиција има и етничка позадина.
Јавноста ги знае моите ставови во врска со територијалната поделба на Македонија каде истата се направи не врз база на економски развој на општините, туку водилка беше етничката припадност.
Војната во 2001 година која заврши со Охридскиот договор е финализирана со преземањето на општините Струга и Кичево, каде тогашна ОНА обзнани дека овие две големи урбани средини во западна Македонија се освоени.
Следејќи ги настаните во соседно Косово каде Србите и косовските власти не можат да се договорат за одделни прашања во нивното функционирање, се појави идејата за формирање на српски општини. Оваа идеја истиот момент се купи од етничките Албанци во Македонија со желба да и тие формираат заедница на албанските општини во Македонија.
Се присутно е чувството дека албанските партии се заинтересирани исклучиво за добробит и безбедност на своите етнички Албанци. Останатите етникуми во Македонија меѓу кои и ние Македонците за жал не доживуваат како противници во остварување на нивните зацртани цели.
Прашувам отворено, дали градиме соживот или пак промовираме нов вид на апартхејд во Македонија?
Самиот наслов на мојот став говори дека кукавицата која подметнува свое јајце во туѓи седала симболично денес ја чувствуваме во највисоката политика во Македонија. Не паметам во 80 години независност на Република Македонија да сме имале Влада со толку низок квалитет во себе, која го разорува македонското ткиво и ткивото на останатите етнички заедници, служејќи во интерес на само една етничка заедница. Не смееме да молчиме на сето она што секојдневно ни се удира од глава. Во континуитет ние, Македонците плаќаме некоја цена и дојдовме до степен на непрепознатливост. Од конститутивен народ станавме само еден од етничките заедници во Македонија, иако сме доминантно население во државата.
На својот пат кон европското семејство имам впечаток дека се изгубивме. Илузија е ако верувате дека во ЕУ не постојат разлики меѓу државите на привилегирани, помалку привилегирани и држави на дното. Трчаме да влеземе во ЕУ за да бидеме на дното, ама како народ комплетно обезличен. Што ќе ми е такво европско семејство каде ќе бидам на дното и обезличен. Не, тоа мене не ми треба.