Скопје

Конференција „Следење на националните активности во борбата против корупцијата”

Завршна конференција во рамките на проектот Следење на националните активности во борбата против корупцијата ќе се одржи денеска во Скопје.

Конференцијата, како што велат од Институтот за човекови права, е организирана со цел да се прикажат резултатите од континуираното следење на имплементацијата на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Планот за борба против корупцијата „Акција 21″ и Планот за политики за добро владеење, во рамките на проектот „Следење на националните активности во борбата против корупцијата”.

Поздравни обраќања на конференцијата ќе имаат претседателката на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска и в.д. амбасадорот на САД во земјава, Ерик Мејер.

На темата „Предизвиците во борбата против корупцијата при реализирање на мерките предвидени во Планот за добро владеење” ќе говори вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, а за „Заложбите на Министерството за правда во однос на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2023-2028″ ќе говори заменик-министерот за правда, Агим Нухиу.

Претседателката на Државна комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска ќе зборува за „Предизвиците во спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025″.

Настанот е дел од проектoт „Следење на националните активности во борбата против корупцијата”, финансиски поддржан од Амбасадата на САД во Скопје. Главната цел на овој проект е следење на имплементацијата на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси преку исполнување на мерките на Владата на Република Северна Македонија и иницијативите кои се составен дел на планот на Владата во борбата против корупцијата насловен како „Акција 21″. Повеќе детали за проектот се достапни на веб страницата на Институтот за човекови права (https://ihr.org.mk/mk).

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Скопје

Next Article:

0 %