КОНСЕНЗУС
Францускиот предлог кој треба да биде прифатен од страна на Република Македонија е чин кој што базично не го решава проблемот на нашето интегрирање во ЕУ. Овој документ претставува само еден од низата проблеми кои ќе се појават во времето кога ќе отпочнат преговорите за прием на Република Македонија во европското семејство. Бугарија се нема откажано од нејзините аспирации во негирање на нашата македонска посебност.
Јас не верувам во документи, верувам во факти.
Мојот став е дека францускиот предлог треба да се замрзне за минимум година дена од денес со првенствена цел да се смират тензиите во Република Македонија. Најнапред македонскиот блок на партии треба да седнат заедно и со консензус да донесат одлука дали ваквиот предлог е во интерес првенствено на нас, Македонците и следствено на Република Македонија. Ова е проблем кој што ние, Македонците треба сами да го решиме и сакам да испратам силен апел до сите етнички заедници кои живеат со нас во Република Македонија да испаднат солидарни и да ги бранат интересите на нас, Македонците. Во актуелниов момент најмалку се потребни дестабилизирачки, меѓуетнички конфликти.
Од друга страна сакам да упатам остра критика на неконзистентноста на надворешната политика за проширување на Европската Унија, каде што во изминатите две децении примија членки кои што ниту од далеку не ги задоволуваа критериумите кои денес се бараат од нас да ги исполниме. Очигледна е разногласноста на 27 држави членки на ЕУ во поглед на третирањето на приемот на Република Македонија во европското семејство и какви се небулози мораме да голтнеме како држава и народ за да бидеме дел од тоа семејство.
Македонија на својот пат кон европското семејство е веќе 32 години и сè уште стоиме како земја кандидат со невидени опструкции, првенствено од нашите соседи и многу површното познавање на Балканските прилики на водечките држави во ЕУ. Македонија не смее да биде исклучок на нејзиниот пат кон европското семејство. Приемот во европското семејство на прибалтичките земји и земјите од регионот Романија, Бугарија и Хрватска треба да биде практикуван и во случајов со Република Македонија.
Уставот на Република Македонија не е учебник чија содржина може да се менува, согласно желбите на нашите соседи, тоа е столбот на нашата самостојност. Чувството на непочит кон нас Македонците од нашите идни партнери во европското семејство не прави да бидеме скептични кон искрените намери на ЕУ. Балканот бил и останал Гордиевиот јазол на современа Европа. Мудроста мора да победи, само така ќе го направиме европскиот континент лулка на заедништво и градење на заедничка иднина. Нашите соседи Грција и Бугарија мора да бидат свесни дека на Балканот постои и Македонски народ со посебни белези, можеби од понов датум, ама факт е дека тој е реалност. Без реално гледање на етничката карта на Балканот просперитетот на овој регион ќе биде секојпат загрозен и ќе талкаме во сиромаштијата која што денес е евидентна на европскиот континент, бидејќи Балканот е најсиромашниот сегмент во европското семејство. Просперитетот на регионот мора да се гради со меѓусебна почит и искрена соработка.