Луѓе

Имам постојана инспирација да создавам нови продукти

The Cosmetic Scientist е Инстаграм профил зад кој стои Лора Тодорчевска – креативец кој ги има споено науката и уметноста. Нејзините сапуни, соли за капење, путери за тело и уште многу други производи ќе ви дадат можност да ја почуствувате предноста на рачно изработената козметика!

Лора, што си по професија и од кога се занимаваш со создавање на козметика?

По професија сум хемиски инженер на Технолошкиот факултет во Братислава. Посебен акцент за време на студиите беше даден на козметичката хемија. Козметичката хемија или козметичката наука е наука која го изучува ефектот на козметичките суровини и смесите од нив врз деловите на човечкото тело како коса, кожа, уста и нокти. Истражував, развивав и создавав формули за различни козметички продукти во лабораторија, меѓу кои и паста за заби, креми за тело и лице, гелови за лице, физички и хемиски пилинзи, сапуни, продукти за коса. Овие практични лабораториски часови ми ја поттикнаа најголемата инспирација да ги спојам креативноста и науката. Премногу ја засакав оваа професија и веднаш по завршување на студиите сакав да ги применам стекнатите знаења во создавање на моја линија на продукти.

Како доаѓаш до идеја за креирање на одреден производ и како изгледа целиот процес?

Од секогаш сум имала сува кожа и на пазарот не можев да најдам продукт кој би ми одговарал. Тоа ме поттикна да го создадам мојот прв продукт – путерот за тело. Путерот за тело е создаден од путери и масла кои содржат есенцијални масни киселини кои природно се наоѓаат на нашата кожа. Надворешните фактори, природниот процес на стареење, неправилната грижа на кожата како и загадувањето на воздухот се едни од влијанијата кои придонесуваат за нарушување на кожната бариера. Функцијата на овој путер е да ги замени изгубените есенцијални масни киселини на кожата и со тоа да ја одржи во добра состојба, да ја задржи нејзината влажност и мекост.

Процесот за создавање на козметички продукт се состои од повеќе чекори. Првиот чекор е идејата за продуктот, каква функција да има и која цел сакам продуктот да ја исполни, како продуктот да изгледа и мириса. Следен чекор е создавање на козметичка формула, која се тестира за да се постигне посакуваниот резултат и конечно создавање на козметички рецепт. За да се создаде козметичкиот рецепт потребни ни се суровини, што значи дека треба да се најде произведувач и добавувач за истите. Исто така, креативен дел е ѝ создавањето и дизајнот на пакувањето на продуктот кој би го привлекол вниманието и со кој правилно би се претставил истиот.

Која е предноста на твоите козметички препарати наспроти индустриски произведените?

Има голема разлика помеѓу индустриските козметички производи кои се произведуваат во огромни количини и козметичките производи кои се создадени во помали количини со точно одредени состојки. Како пример би го издвоила рачно-изработениот сапун. Има повеќе разлики меѓу индустрискиот и рачно-изработениот сапун. Една од разликите е отсуството на глицерин во индустриските сапуни. Глицеринот е состојка која се создава при процесот на создавање на сапун – сапонификација. Глицеринот е хумектант и ја врзува водата од средината и со тоа ја одржува кожата мека и влажна. Во повеќето индустриски произведени сапуни оваа состојка е отстранета. Кај рачно изработените сапуни глицеринот останува помеѓу молекулите на сапун и ја задржува влажноста. Исто така, во рачно-изработениот сапун останува одреден процент на масла кои не се сапонифицирани, односно не се искористени за да се создаде сапунот, и тие дополнително ја омекнуваат кожата. Друга разлика помеѓу нив е типот или квалитетот на парфем кој се користи. Во индустриските сапуни се користат синтетички парфеми. За разлика од нив, во рачно-изработените сапуни се користат есенцијални масла кои се природно создадени и се нѐ иритирачки. Индустриските сапуни се направени од хемиски супстанци како синтетички создавачи на пена, хемиски детергенти и стврднувачи кои се иритирачки и ја пресушуваат кожата. Исто така, никогаш не е познато какви масла се користени во тие сапуни и со тоа е оневозможено потрошувачот да знае дали истите му одговараат или е на нив алергичен. Спротивно на тоа, рачно-изработените сапуни се прават од природни масла и хидроксид. Сите користени масла се секогаш напишани на етикетата. Со реакцијата на маслата и хидроксидот во рачно-изработените сапуни се создава сапун кој природно ги има функциите на сите додатоци на индустрискиот сапун без да ја иритира и пресушува кожата.

Дали изработуваш козметика по нарачка?

Да, сум имала различни нарачки според потребите на клиентите. Најчесто се поголеми нарачки за свадби и нарачки на пакети за различни празници и пригоди. Функцијата на продуктите останува иста, најчесто клиентите имаат желба за промена на боја, мирис или форма на сапуните. Како пример би ја навела една фирма која имаше нарачка на пакети со продукти за Меѓународниот ден на жената. Пакетот содржеше путер и пилинг за тело, сапун и миризливи срциња кои сите беа во розева боја.

Што се е дел од твојот асортиман и што е најбарано од клиентите?

Изработувам путер и пилинг за тело, рачно-изработени сапуни, глицерински сапуни, сол за во бања, бомби за во бања и свеќи. Најбаран од клиентите е путерот за тело, како и рачно-изработените сапуни.

Кои се твоите планови за во иднина?

Имам постојана инспирација да создавам нови продукти со цел да се создаде повеќе избор за клиентот. Во блиска иднина е планирана нова линија на продукти кои нема да создржат есенцијални масла, со цел производите да можат да ги користат и клиенти кои имаат чувствителна кожа и кожа склона кон иритација.

Исклучително важен ми е и контактот со клиентите како и нивното мислење за продуктите, па и затоа многу често учествувам на базари. Во блиска иднина ќе учестувам на базарот на Д фестивал во Дојран оваа година, каде клиентите ќе можат да дојдат да ги видат и да ги тестираат продуктите.

Целта на the cosmetic scientist не е само создавање на добри продукти, туку исто така е и инспирација за помладите да ја засакаат хемијата и козметичката наука и можеби да влијаам да се одлучат за кариера во оваа област.

Инстаграм профил: the_cosmetic_scientist_

Лора Тодорчевска

 

 

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

More in:Луѓе

Next Article:

0 %