Еуростандард банка-жртва на заробена држава
Почитувани читатели, во денешнава колумна посветена на Еуростандард банка, сакам со вас да ги споделам моите размисли за вистинското опкружување во кое живееме, затоа што од поставеноста на нашите институциите во системот, како наше реално опкружување, зависи нашата перспектива, безбедност и успех.
Како роден Македонец, со стекнато образование и искуство во татковината и надвор од неа, сум успеал во светот на бизнисот.
Овој успех го направив надвор од Македонија. Иако многу од овие земји беа во транзиција, бидејќи истите земји беа од Источниот блок на Европа, сепак условите за водење бизнис беа неприкосновено почитувани од страна на институциите кои водеа грижа за економскиот напредок на сопствените држави.
Ќе дадам пример, како овие држави функционираа во првите години после падот на Берлинскиот sид. Бев најголем добавувач на железна руда на Хута-Катовице во средината на 90-те години на минатиот век, кога неплатениот долг од Хута-Катовице изнесуваше повеќе од 120 милиони долари. Неликвидноста беше евидентна во тогашна Полска. Прекинувањето на натамошните испораки на железна руда, ќе значеше стопирање на производството на челик, за кој оваа железарница имаше инсталиран капацитет за производство на 5 милиони тони челик годишно.
Владата на Република Полска, на чело со ресорното министерство за стопанство, организираше средба со мене, само со една цел, Хута-Катовице да не застане со производство на челик, а јас да продолжам со договорените испораки. Како гаранција дека моите побарувања ќе бидат подмирени, застана Владата на Република Полска.
Епилог: ниту една од страните не беше оштетена, а Владата на Република Полска искажа силна подготвеност да го штити својот производствен потенцијал.
Случајот со Еуростандард банка и реакцијата на најистурените институции во Република Македонија, укажуваат на фактот дека бизнис клима во Македонија не постои. Интерес на Владата на Република Македонија за силен стопански развој, не постои.
Заклучувам: со Македонија владеат темни сили кои го контролираат целиот систем.
Почитувани читатели, можете да го објасните следново: Техничката Влада во 2020 година носи две контрадикторни уредби, со сила на закон за време на пандемијата Ковид-19, со кои се забрзува процесот за отворање на стечај веднаш по завршувањето на вонредната состојба. Додатно, техничката Влада забранува присилна наплата на доспеани побарувања од вкупно 97 дена.
Народна банка во последните 6 месеци пред стечајот на Еуростандард банка ѝ го одзема правото на работа со правни и физички лица. Народна банка прескокнува два клучни инструменти, кои ѝ стојат на располагање за санирање на Еуростандард банка, а тоа се вонредни мерки и администрација. Најважно од сè, Народна банка не го прими на разговор потенцијалниот партнер за докапитализација на Еуростандард банка кој чекаше за средба цели 3 месеци.
Народна банка има крвави раце во овој крволочен чин.
Собранието на Република Македонија, на чело со нејзиниот претседател Талат Џафери и Комисијата за финансирање и буџет, свесни дека Народна банка не ги користела инструментите кои ѝ биле на располагање и натаму молчат.
Основното јавно обвинителство-ОЈО покренува истрага за стечајот на Еуростандард банка на база извештајот од Народна банка.
Народна банка, џелатот на Еуростандард банка, претставува вистински извор за покренување истражна постапка. Ова би било смешно, да не е трагично!
Еуростандард банка, народски кажано беше оставена без леб и вода.
Замислете, одземено право за работа со правни и физички лица и згора на тоа одземено право за присилна наплата.
„Веселата математика“ на Народна банка е вистински резил за причините за носењето на Еуростандард банка во стечај.
Гревот на нас акционерите и Управниот одбор беше во тоа што сакавме Еуростандард банка да ја извлечеме од синџирот на незаконски трансакции, така-наречени позајмици, кои во големо се практикуваат во секојдневието на банкарскиот систем.
Многу ме загрижува и молкот на политичките партии, денеска дел од власта и опозицијата.
Незаинтересираноста на политичките партии за овој скандалозен чин е за осуда. Како може партиите од власт и опозиција да креираат силно стопанство и благосостојба кога силни стопански субјекти се носат во стечај без никаков резон? Покривање на трагите, говорам за трагата на одлеаните пари од банката, е причината за овој криминален чин.
Креаторот на овој грозоморен чин е и денеска мошне активен. Очигледно е дека и политичките партии од власта и опозиција се под контрола на овој субјект.
Ме плаши иднината. Крвотокот на самото финансиско работење на партиите е под контрола на овој субјект.
Заклучувам: криминалот во Република Македонија им ги врза рацете и на политичките партии. Очекувате дека некој однадвор ќе нè спаси од ова зло? Не, самите си ја кроиме својата судбина. Самите сме виновни за ова што денес ни се случува.
Почитувани, убеден сум дека со моите видувања длабоко ќе ве погодам со реалноста во Република Македонија …
Јас не се предавам. Ќе ги користам сите алатки кои законот ми ги дозволува да се борам против ова зло.