Став на Костовски

Експертска Влада

Светскиот мир има своја цена, а војната уште поголема. После Втората светска војна Република Македонија како самостојна држава влезе во бившата ФНРЈ, а потоа СФРЈ во која се изградија сите енергетски капацитети кои денеска функционираат, а тоа се РЕК Битола, Осломеј, ТЕЦ Неготино и Хидросистемите Матка, Маврово и други, но за жал нивната технолошка дотраеност и немање сировина читајте јаглен, лигнит, посебно за термоелектраните кои сочинуваат скоро 80 проценти од вкупното производство на електрична енергија ја фрлаат на коленици Република Македонија.

Без енергенси, посебно сопствени е невозможен економски развој и напредок на државата. Технолошки застарените капацитети и немањето сировини, уште повеќе ја прават состојбата во Република Македонија повеќе од критична.

Македонија е една од ретките држави во Европа која во изминатите три децении не инвестирала во производство на сопствена електрична енергија. Најболното е тоа што и денеска во македонската стратегија за економски развој во енергетиката е мислена именка. Поговорката која вели „воочи на ден Божиќ, свиња не се гои“, важи токму за денешната состојба во која се наоѓа македонскиот енергетски систем. Изминаа повеќе од три децении од самостојна Република Македонија, и не е направен ниту еден капитален енергетски зафат, со цел да овозможиме сопствено производство на електрична енергија првенствено за свои потреби.

РЕК Битола, столбот на македонското електростопанство, технолошки е застарен и многу одамна требаше да оди на буништето за негово затворање, бидејќи лигнит Македонија нема, а технологијата која што се користи за производство на електрична енергија за овој комбинат е страотно загадувачка, бидејќи сиромавиот лигнит кој се користи во овој комбинат со калорична вредност меѓу 900-1000 кк. е недоволна за технолошкиот процес на кој работи овој комбинат и затоа се користи сирова нафта или мазут со висока содржина на сулфур во себе.

Последиците од загадувањето со ова производство на електрична енергија ги плаќа цела Пелагонија со популација повеќе од 300 илјади жители. Канцерогените заболувања се најчести токму во овој регион.

Соларната енергија за која многу се зборува е процес кој треба да биде обликуван во финални проекти и широки инвестициски зафати. Мудрите држави местото и улогата на енергенсите ги сфатиле многу сериозно и затоа никогаш не престанале да инвестираат во иновативни и обновливи енергетски извори.

Летаргичноста на македонските политички партии од осамостојувањето до денес кон ова најсуштинско прашање е евидентна. Требаше да се случи војната во Украина со драстично покачување на енергенсите од кои зависи економскиот развој и да разбереме дека ние како држава и нејзини граѓани се наоѓаме во еден длабок ќор-сокак. Купувањето на веќе скапите електрична енергија и останати енергенси е ставено под прашање, бидејќи економскиот стандард на граѓаните во Република Македонија е многу низок и тешко можат да се справат со ново покачените цени на енергенси.

Летните месеци ќе завршат и доаѓа есента, а по нив и зимата. Не смееме да живееме во илузии дека енергетската криза која претстои пред нас сама по себе ќе се реши. Очигледно е дека Владата нема концепт како да се справи со овој предизвик.

На оваа моја констатација укажуваат многу моменти кои денеска струјат во јавноста и на социјалните мрежи. Најголемиот проблем е што констатирам дека составот на актуелната Влада нема интелектуален капацитет и знаење како да се справи со претстојната криза. Експертска Влада составена од врвни интелектуалци, посебно на полето енергетика и храна треба да биде решение за какво-такво справување во месеците кои доаѓаат. Истовремено оваа Експертска Влада треба да ги организира следните парламентарни избори, каде базичен постулат мора да биде промена на Изборниот законик каде Македонија мора да биде една изборна единица со слободни листи. Промената на Изборниот законик е единствениот пат да не бидеме заложници на Димитар, Мицко, Ахмети, Села и другите партиски лидери кои по свој личен терк го обликуваат политичкиот систем во Република Македонија.

Народот, граѓаните, треба да го обликуваат политичкиот систем. На вака поставен политички систем ќе се изнедрат кадри кои ќе работат за сеопшто добро на државата и граѓаните во неа, барајќи начини за реализација на проекти, а пред сè во енергетиката и патната, железничка и воздушна инфраструктурата, за побрз развој на земјата. Принципот на Мурто и Курто треба да го промениме.

Заклучувам дека и ние граѓаните треба да го почувствуваме овој шамар со енергетската криза која следи, со цел да научиме кому му ја доверуваме власта да не води во подобра иднина.

 

Можеби ќе ви се допадне

Став на Костовски

БОРЦИ

Борци против организираниот криминал во Република Македонија Поривот за овој став се должи на вчерашната ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Next Article:

0 %