Став на Костовски

ГОЛГОТА

Денот кога овој протокол беше потпишан, за нас Македонците кои живееме во Република Македонија и надвор од неа, е ден за отпочнување на наше македонско самоуништување.

Во изминатите три децении Македонија се соочи со многу предизвици, најпрво од страна со соседна Грција, чие прашање беше решено врз наш грб со додавката Северна и со многу отстапки кои ние, Македонците и останатите етнички заедници во Република Македонија, моравме да се откажеме од наследството кое го имавме со децении и векови наназад. Војната во 2001 година во Република Македонија со одметнатите Албанци го донесе Охридскиот договор, целосно имплементиран во Уставот на Република Македонија, при што ние Македонците ја изгубивме привилегијата на народ кој имаше сопствена држава-Република Македонија. Од конститутивен народ на Република Македонија станавме една од етничките заедници која денес живее на територијата на Република Македонија.

Ако прашањето со Грција беше поврзано само со Уставното име на нашата држава, со што ние моравме да се откажеме од било каква Античка историја, со нашите Албанци моравме да ја изгубиме и државотворноста на Македонците во Република Македонија. Ние Македонците се соочивме со парадокс – само за 20 години ја изгубивме државата и станавме една од етничките заедници, без никаква сопствена историја од Античко доба. Небулози до небо, бидејќи Македонија на целата своја територија е археолошки Дизниленд за милениумите кои биле пред нас.

Ветото од Бугарија дојде како гром од ведро небо и тоа е последниот удар кој Р. Бугарија сака да го зададе за уништување на Македонците како нација со сопствена култура, јазик, традиција и историја.

Ако за решавање на прашањето со нашиот сосед Грција беше потребен консензус од сите етнички заедници кои живеат во Република Македонија, денес со потпишаниот протокол за добрососедство со Р. Бугарија, етничките заедници кои сочинуваат помалку од 45%, од вкупната популација во Република Македонија, одлучија за нас Македонците каква иднина треба да очекуваме.

И денес, Македонците се столбот на независна Република Македонија со над 56% од вкупната популација. Не смее да се дозволи, другите етнички заедници во Република Македонија со нивните надворешни пријатели да го решаваат прашањето поврзано со нас Македонците. Не можам да ги судам Бугарите, ама огорчен сум на етничките заедници со кои ние Македонците заедно живееме во Република Македонија, кои со најпрости зборови, нè пуштија низ вода во нашето исчезнување. Во најсилните моменти кога ни беше потребна поддршка од нашите етнички заедници, тие ни свртеа грб. Лицемерието кое Европската Унија го покажаа околу отпочнувањето на преговорите за наше членство во ЕУ – преседан во светската историја. Услов да се отпочнат преговорите со ЕУ мораше да биде потпишаниот протокол меѓу Македонија и Бугарија со неизбежно отварање на Уставот на Република Македонија и внесување на Бугарите како етничка заедница во Република Македонија, без реципроцитет за признавање на Македонското малцинство во Р. Бугарија. Очигледно е дека ЕУ кумува на бугарските, веќе нескриени аспирации за асимилација на Македонците, вклучително со нескриените пориви денешната територија да биде дел од бугарската држава. Да биде јасно: Македонците не дадоа согласност за потпишување на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Правото на овој договор за негово ставање во сила е исклучиво во надлежност на нас, Македонците.

Крстопатот пред кој сме исправени ние, Македонците е многу тежок. Доколку сакаме да си го сочуваме нашиот македонски национален идентитет, јазик, култура и историја, тогаш мораме да направиме национално помирување меѓу нас Македонците со цел да прострујат идеи и стратегии кои во континуитет мора да ги преземеме, зошто во спротивно лошо ни се пишува.

Прв чекор кој треба да го преземеме е распишување референдум за раскинување на потпишаниот договор меѓу Република Македонија и Р. Бугарија за добрососедство. Ова е единствениот начин во моментов да испратиме силна порака до етничките заедници со кои живееме заедно во Република Македонија, до нашите соседи, а посебно Бугарија и водечките членки на Европската Унија, дека ние Македонците сме реалност на Балканот. Светската заедница мора да разбере дека ние сме посебен народ и дека нема да се откажеме од својот јазик и култура, па и по цена да не бидеме дел од европското семејство. За многумина интелектуалци, императив е да ги сочуваме јазикот, културата и историјата, а европската заедница нека размисли, затоа што колку нам ни е потребна ЕУ, толку и ние сме ѝ потребни како членка во европското семејство. Интересот мора да биде двонасочен.

 

Можеби ќе ви се допадне

Став на Костовски

БОРЦИ

Борци против организираниот криминал во Република Македонија Поривот за овој став се должи на вчерашната ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Next Article:

0 %