Здравје

Велешани пет месеци немаат кожен доктор, дефицит на кадар има и за други здравствени услуги

Велешани веќе пет месеци не можат да остварат здравствена заштита од кожен доктор во Општата болница во Велес. Единствената докторка е неколку месеци на боледување, а пациентите се упатуваат на специјалист во Скопје.

Портпаролот на Општата болница д-р Елена Левкова Ќулумова во изјава за МИА информира дека докторката по кожни болести од боледување ќе се врати во јануари следната година.

Покрај недостиг на кадар за кожни болести, жителите на Велес немаат специјалисти и за други здравствени услуги.

Во изјава за МИА, д-р Лилија Чолакова Дервишова матичен доктор и доктор по семејна медицина, воедно и претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛРМ), оценува дека состојбата со немањето на специјалистички кадар во велешката Болница е многу сериозна.

Жителите на Велес, покрај тоа што немаат можност за преглед од кожен лекар, немаат ниту ушен доктор со „Мој термин”, а има само по еден очен доктор и еден трансфузиолог. За град како Велес, во кој е вклучен целиот поширок велешки регион, д-р Чолакова-Дервишова вели дека е повеќе од сериозно и алармантно.

Предупредува дека ваква состојба со немање на специјалисти има во поголем дел од болниците во земјава, како Берово, Ресен, Дебар и речиси сите помали градови во земјава.

– Ова е многу сериозна ситуација за сите граѓани коишто редовно плаќале и плаќаат здравствено осигурување и очекуваат да имаат достапност до здравствени услуги во местото на живеење, појаснува д-р Чолакова Дервишова.

Со пензионирањето на лекарите и специјалистите и без прилив на нов кадар во Општата болница во Велес, но и во другите градови, таа вели дека специјалистичките кадри остануваат празни.

Д-р Чолакова Дервишова предупредува дека единствениот доктор пнеумофизиолог од велешката Општа болница за еден месец ќе оди во пензија. Појаснува дека со неговото заминување, матичните лекари ќе мора да ги преупатуваат сите граѓани со тешки белодробни болести кои редовно примаат медицинска терапија, да добијат рецепт во Специјализираната болница во Јасеново или во Скопје, со што овие пациенти ќе бидат изложени на дополнителни трошоци.

Таа потсетува дека Велес претходно со години имаше Анти-туберкулозен диспанзер (АТД) каде имаше доволно специјалистички кадар за лекување на овие пациенти со туберкулоза и други белодробни заболувања. Со рушење на зградата на АТД, диспанзерот беше префрлен на Интерното одделение при велешката Болница.

– Проблемот е што двете докторки пред година во време на пандемијата заминаа во пензија и сега нема нов кадар за лекување на овие пациенти од Велес, поширокиот велешки регион и од градовите од Повардарието кои се лекуваа на Интерно одделение во велешката Општа болница, вели д-р Чолакова Дервишова.

Решението за овој проблем д-р Чолакова-Дервишова вели дека е пренасочување на лекарите специјалисти од Скопје во другите градови низ земјава.

– Итно мора надлежните во јавното здравство во земјава да направат префрлање на големиот број на лекари специјалист од клиниките и болниците во Скопје да се пратат по региони во земјава со цел граѓаните од внатрешноста да не се шетаат и изложуваат на трошоци до Скопје. Овие доктори да се прераспределат регионално и болниците во земјава да се пополнат со ваков специјалистички кадар, во интерес на граѓаните, потенцира д-р Чолакова Дервишова.

Таа посочува дека немањето на специјалистички кадар во болниците во градовите е последица на тоа што со години наназад лекарите по специјализацијата не се обврзани да се вратат во својата болница, туку, голем дел од нив остануваат во здравствените установи во Скопје.

– Државата мора да си го смени законот, правилата и правилниците со тоа што ако некој лекар добил специјализација, по специјализацијата, ќе мора да се врати во својата болница во градот од каде што е. Со тоа и болниците во внатрешноста ќе имаат свои специјалисти. Не може сите лекари да се преселат во Скопје, а народот во останатите градови да ги оставиме без специјалисти, подвлекува д-р Чолакова Дервишова.

Потсетува дека имаме Закон за здравствена заштита во кој се вели дека пристапноста и сеопфатноста треба да бидат еднакви за сите граѓани, но, за жал, вели  тоа е само на хартија.

– Државата мора под итно да направи регионализација и децентрализација на здравството, така што да имаме неколку региони во земјава каде што ќе има голем број на неопходен специјалистички кадар. Сега за жал имаме болница и операциона сала, а немаме анестезиолог или обратно има анестезиолог, а нема хирург, вели д-р Чолакова-Дервишова.

Можеби ќе ви се допадне

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Next Article:

0 %