Сексуална азбука

Буква Ѓ

Ѓ-Ѓон буква за сексуална терминологија! Нема ниту еден поим на буквата Ѓ што е поврзан со сексот и сексуалноста. Нооо, темата не би била сеопфатна ако не оди заедно со фантазијата. Впрочем, сексот и тоа како е поврзан со сексуалните фантазии, или народски, ѓурултии, ѓаволштини во кревет. Ние Македонците, со нашиот најубав македонски јазик, одгледуван во индиското јазично семејство, зачнат од старословенскиот татко и мајката библија (најубави се децата правени од љубов), го имаме ексклузивитетот токму за буквата Ѓ – единствена во обликот и изговорот. Другите кириличари имаат друг облик и звучност, како Србите, Бугарите, Украинците, сите имаат поинакво Ѓ од нашето. Силогично би било дека Македонците се такви и во кревет, единствени и автентични. Живи ѓаволи?! Но логично би било дека не можеме да извлечеме прецизна и веродостојна статистика кој е каков во кревет, и фала Богу што е така, да потсетам дека интимноста е светиња. Но ете, за волја на фантазијата, за буквата Ѓ ќе пишуваме за сексуалните ѓаволштини, кои и ангелите може да ги престорат во ѓаволи, ако сексуалната фантазија добие можност за реализација. Можност, повод и инспирација за разработка на оваа тема ни даваат авторите на книгата „Сексуална интелигенција“, д-р Шери Конрад и д-р Мајкл Милберн, професори по психологија на Масачусетскиот Универзитет во Бостон, чија темелна студија е плод на нивниот десетгодишен истражувачки труд. Опседнатоста само со една единствена идеја за сексот, како на пример бременост, не дава можност за сексуални фантазии. А и како би, кога фантазираш да направиш или родиш дете, сконцентриран на оплодувањето. Нема поздодевен секс од правење деца по шаблон (замислете кревање нозе само за да им помогнеш на сперматозоидите да истечат внатре, а не надвор). „Сексуално интелигентните имаат повеќе причини за секс. Изразуваат љубов, блискост, интимност, задоволство преку сексот и многу добро знаат да разликуваат секс заради секс, (физичка потреба за секс) и водење љубов (ментално учество покрај физичката потреба)“ – извадок од книгата „Сексуална интелигенција“. Блискоста е љубов, љубовта е фантазија, тогаш си во состојба да направиш сè за да го задоволиш саканото суштество. И така, малку по малку почнуваат сексуалните фантазии кои партнерите ги метаморфозираат во среќни ѓаволчиња, задоволни во своите заемни ѓурултии, чии вресоци и врескања може да бидат само во мозокот, без да ги слушаат комшиите. И најчесто е така, кој има сила да урла кога чувствува блажено задоволство? Секако, порно финтите за викање, дерење и врескање за време на секс е индивидуална креација, често и глуматарење, играрија за посакувани еротски ефекти … Што ни се случува во главата, а што во креветот е само плод на фантазијата и секако нашата самовест за спознавање на тајното сексуално битие во нас и партнерот. Широк е спектарот на сексуалните мечтаења и кој би им пресудил дали се нормални кога се на обострано задоволство. Сон на многу мажи (жени) е тространо задоволство, што најчесто останува само сон и фантазирање. Секс во тројка, свингерај, оргии, бестијалност, развратност се блудни, порнографски чинови, далеку од нормален секс за луѓе со развиена сексуална интелигенција. Фантазирање во двојка за тројка, (или соло мастурбација со имагинација за тројка), не мора (и не треба) никогаш да се реализира во стварноста, но помага за нестварни доживувања, што значи дека е нормално. Во духот на Волтер „Љубовта е јадро кое се полни со природа, а опшива со имагинација“, сексуалната фантазијата всушност е најсигурната ерогена зона, помошно средство против монотонија во долгогодишни врски и бракови. Колку сме нормални кога мечтаеме за нешта од кои и ѓаволот би избегал и каде е границата, или ѕвоното за тревога дека нормалното станува ненормално, ни објаснува доц. Ана Чучкова – Доктор по развојна и педагошка психологија при Меѓународен Славјански Универзитет Г.Р. Державин: – „Всушност ѓаволштините во кревет се најздрави, кога велам најздрави мислам на најсилната симбиоза, поврзување со партнерот и со неговата душа и животен ритам, секако кога во сексот има љубов. Кога се зборува за љубов, би требало да сте свесни дека не е љубовта она кое те обврзува да љубиш. Не е љубовта сите оние семејни констелации и врски кои ги влечеме како бреме од минати лоши искуства. Љубовта е слободна. Затоа кога постои здрава љубовна врска некои сексуални фантазии ја губат смислата за нормалност или ненормалност. Токму таму, во таа најубава и најдлабока интима, сè е дозволено и може сè да се случува, на заемно задоволство и доверба, затоа што тие две битија си веруваат дека нема да бидат повредени.

Не ретко, во разговорите со машката популација, (да не згрешам во врска со полот, важи и за оние што се чувствуваат со машка енергија), се споделуваат проблеми поврзани со сексот, како на пример отсуство ерекција кога се со девојки во кои најмногу се вљубени. Со девојки кон кои не чувствуваат ништо, овој проблем го немаат. Зошто е тоа така? Познатиот психоаналитичар Зигмунд Фројд тоа го објаснува како лошо примена порака во детството од страна на родителите, за сексот и сексуалноста. Пораката што децата ја слушаат „таму каде што има љубов нема секс“, дури во најраната развојна фаза околу 4-та година, може погрешно да се вреже во потсвеста. Поради тоа, многу луѓе носејќи погрешен став кон љубовта и сексот имаат проблем, страдаат во љубовта или имаат психолошки сексуален проблем.

проф. Ана Чучкова

Сексуалната интелигенција е токму умешноста да се спојат љубовта со сексот и да се зачинат со сексуални фантазии, или како што е темата на буквата Ѓ – ѓаволштини во кревет“ – вели проф. Ана Чучкова. Верувале или не, една од најчестите сексуални фантазии кај жените е присилување на секс, по можност со посакуваниот, имагинарен партнер. Она као не сака, ама не може да се одбрани, (вицот за кокошката која намерно се препнува за да ѝ налета петелот), е чувство за одбегнување вина. Податокот е според студијата на психолозите Доналд Штразберг и Лиса Локирд кои 1998 година на Универзитетот Јута, објавиле студија од анкетирани 137 жени од 18 до 40 години. „Таквата фантазија не е поврзана со вистинско искуство на сексуална принуда, туку со смалување чувство на вина во споредба со оние кои немале таква фантазија. Важно е да се прави разлика помеѓу фантазија и акција, и дека не станува збор за таква абнормална желба за вистинско малтретирање и повредување, туку еротски предизвик, емотивно безбеден во мечтата. Фантазиите се само клуч за ослободување на автентичната сексуалност“ – извадок од книгата „Сексуална интелигенција“. Така што, нека не ве фаќа паника ако слушнете дека вашата партнерка сака да ја „земете на сила“, исто како што вашиот партнер би посакал некоја ваша пријателка за фантастична тројка! Секако само како илузорен еротски стимул, во спротивно би било хаотично и непрактично. Најважното во процесот на размислување за фантазиите на вашиот партнер е да ви текне дека сите сме различни, а не исти, и дека она „сите мажи (жени) се исти“ се прости трикови. Но, ѓаволските еротски трикови се автентични колку и нашата сексуалност и самиот чин на водење љубов, индивидуални колку и отпечатокот од прст. Кога сме веќе кај прстот, за крај на текстот, а почетокот на ѓаволските игри, замислете колку чуда може да се направат само со еден прст, а тек со два, три или пет … Двоцифрени броеви се резервирани за подлабока фантазија. Има нешто ѓаволски добро во креативните фантазии поттикнати од љубов и страст.

 

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Next Article:

0 %