Сексуална азбука

Буква Ж

Ж-Жена

Најраскошната буква во азбуката, наликува на круна, на жезол, на симетрија и статика, на совршена еротска поза, спој на две во едно. Совршена и инспиративна буква исто како и жената.

Таква е и убавината, совршена во несовршеностите, извира од секоја женска пора, од сите нејзини рабови и облини, од погледот, зборот, гестот, допирот… Затоа е волшебна, често скриена, невидлива за сечие око и вкус, но сеприсутна за препознавачите.

Жените се и митски суштества, во секоја жена се крие некоја божица. Првиот неофицијален избор за убавица, според митологијата, бил на Олимп, кога божицата на раздор Ерида ќе го фрли златното јаболко со титула „на најубавата“ и ќе направи кавга меѓу трите божици Хера, Атена и Афродита.

Причината за Тројанската војна не е само резултат на суета и престиж, туку и на машки егоизам – Париз го доделува златното јаболко на Афродита, а таа за возврат му ја ветува убавата Елена, жена на кралот Менелај. Доволна причина за војна. Елена навистина била божествено убава, што не може да се каже и за Клеопатра, нејзините адути биле во самодовербата и амбициозноста. Така што, секоја самосвесна жена треба вешто да ги користи своите предности, но уште повешто, да умее да ги прикрие своите мани. Нема земски совршености, тоа се обични трикови и митови, совршеноста е олицетворена во Бога, на сè друго треба да се работи.

„Жената поседува бескрајно многу атрибути за лично и колективно задоволство“ – Карл Јунг, кој во психологијата го воведува терминот архетип, како инстиктивно однесување на луѓето содржано во колективното несвесно ,, виновно“ за однесувањето според универзални принципи. Додека читаме митови и приказни често доживуваме мистични искуства, препознавање и асоцијации на одредени божици во нас, според нивните карактерни особини и приоритети.

Во секоја од нас понекогаш се крие заводливата божица на алхемијата Афродита, мудрите и девствени Атена и Артемида, мајката Деметра божица на плодност и брак, но и лошките Пасифаја, Медеја и Ерида. Жените низ историјата ретко биле третирани како божици, дури и кога биле со сина крв.

Да не го заборавиме страшниот период на средовековието кога бил извршен најголемиот геноцид врз женскиот род, со благослов на инквизицијата, која безмилосно жените ги прогласувала за вештерки, палејќи ги на клада. Уште многу такви „вештерки“ ќе се реинкарнираат во борци за женските права и ќе летаат на своите метли низ историјата. Забележана е по својата храброст Мадам де Стал во 18 век, интелектуалка и предвесник на романтизмот, писателка која ќе му се спротивстави на еден император како Наполеон и секако, ќе биде во негова немилост.

„Зарем она мене да ми се спротивстави“ – може да се прочита и слушне дури и во овој современ век, како екот од старогрчката трагедија „Антигона“, преку истоимениот лик. Антигона се спротивставува на наредбата на кралот вујко и ќе биде казнета со смртна казна за непослушност (пример за женската подреденост и потчинетост уште пред нашата ера). Во нашата литература, прв книжевен лик на еманципирана жена е Доста Рожденката од романот „Крпен живот“ која во една рурална средина ќе донесе градски манири, како на пример носење шамивче и килоти, заради што ќе биде озборувана од примитивната селска средина. Секоја добра идеја осудена е од толпата потпросечни и неуки, кои немале визија дека килотите и секси долната облека ќе бидат револуционерно откритие во модната индустрија. И така, борбата за женска еманципација од 1910 година со Клара Цеткин, трае ли трае, но паралелно и тлее прашањето, колку сме среќни со таква еманципација, самостојно да заработуваме, сами себе да се честиме и наградуваме (под честа ни е мажот да нè финансира), патем да се грижиме за домот и децата по работното време. Ослободени од раката на мажот и брачните стеги (mancipacija значи брачна потчинетост, брак од интерес) жената ќе се дооптовари и физички и психички, притоа без материјалната еднаквост (помали плати за иста професија) и нееднаква застапеност на високи функции и општествени позиции, (државнички и политички). Потребата на жената да биде финансиска потпора во семејството, не е само избор, сè почесто е нужност. Прашањето дали да се бориме или да се одмориме, може да биде избор, можност, амбиција за професионална кариера и успех (здрав избор е ако е личен, а не наметнат). Тешко е премерувањето на женскиот успех. Се гледа под лупата на примитивизмот, микроскопски се набљудува дали е „чист“ и веродостоен!

Многу често користиме реторичка изрека дека „зад успешна жена стои успешен маж“ (или обратно). Дали секоја друга комбинација е осудена на неуспех и дали секогаш мора некој зад некого да стои? Вековно наталожена недоверба во самостојноста на женскиот род. Прашајте ги Талибанците, како треба со жените во 21 век и ќе знаеме до каде е еманципацијата. Секако, дека во еден сè уште машки свет, на жената и е полесно ако има машки столб на кој може да се потпре, маж кој ќе ги разбере и почитува нејзините желби, амбиции, вештини, способности и ќе ја поддржува. Но ако го нема столбот и ако „машки“ загризе за остварување на своите амбиции, може да се судри со озборувачки и малограѓански отстрели.

По тој трнлив пат до успехот, вообичаено жената ја прашуваат „кој“, а не „што“ стои зад неа, а прашалниците продолжуваат со примитивна реторика во стилот „кој е крај неа, над неа, под неа … “ Ако жената без машка поддршка го изоди тој пат, претпоставка е дека го жртвувала својот женски сензибилитет и „машки“ стасала до целта. Претпоставка, но не и вистина!

Во име на предрасудите и ниските страсти претпоставуваме, а не ретко тргнувајќи од лични или туѓи искуства, во успехот на една жена бараме да препознаеме неморал, како оправдување за својата неспособност и фрустрација.

Од друга страна, секојдневието лаконски лесно потврдува дека моралот се изгубил пред моќта на парите и дека честопати заради преамбициозноста, зад која не стои трудољубие и посветеност туку жед за пари и слава по секоја цена, човекот (било маж или жена) макијавелистички со сите расположливи средства брза да стаса до целта не размислувајќи за моралните норми.

Останува прашалникот „што е успех“ и како се премерува? Рецепт за успешна жена, сè уште нема, како ни рецепт за љубов, инаку докторите секојдневно би ни ги препишувале на рецепт. Не е успех ако зад трудот не стојат силни емоции и карактерни особини достојни за еден човек (било маж или жена) со кои целиот живот и кариера посветено работи и мирно спие.

Во работата, освен менаџерски способности треба љубов, посветеност, упорност и визија, секако ако успехот не се премерува само со стекнат капитал, оти не секогаш професионалната реализираност носи материјален бенефит.

Исто толку примитивни се и предрасудите дека човек (било маж или жена) ако успеал да стекне голем материјален капитал, ги стекнал на нечесен начин. За крај на буквата Ж, стиховите на Марта Ривиера Гаридо: Не заљубувај се во жена која чита, која премногу чувствува, која пишува …

Не заљубувај се во образована, волшебна, екцентрична, луда жена!

Не заљубувај се во жена која размислува и која знае како да лета – жена која е сигурна во себе.

Не заљубувај се во жена која се смее или плаче додека води љубов, не дај Боже да се заљубиш во жена која сака поезија (овие се најопасни), или која поминува пола час размислувајќи за некоја слика и не може да живее без музика!

Не заљубувај се во жена која се интересира за политика, која е бунтовна и која чувствува огромен хорор кога се работи за неправди!

Не заљубувај се во жена која е интензивна, забавна, луцидна и несоодветна.

Не! Не посакувај да се заљубиш во таква! Затоа што ако се заљубиш, без разлика дали ќе остане со тебе или не, без разлика дали те сака или не, никогаш нема да можеш да се опоравиш од таква жена!

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Next Article:

0 %