Сексуална азбука

БУКВА Е

Ееее, по ѓаволестата буква Ѓ следува еротичното Е – ехото на љубов и страст со призвук на еротичност. Естетско задоволство и ерогена зона,  изненадувачки еуфорично како утринска ерекција. Егзибиционистичка енигма или парадигма на  еротското во нас! Што е еротика, а  што порнографија и дали правиме  етичка и естетска дистинкција помеѓу нив? Разликата е во нашата перцепција, воспитување и секако целта која ги оправдува средствата околу  разбирањето на сексот и сексуалноста, што е кокошка, а што пердув, што ќе те заскокотка, а што најаде.

Е – Еротика (eros – љубов + mania- лудило): сите функции, дејства, делувања, стремежи, копнежи и емотивни реакции поврзани со љубовниот живот. Сето лудило на љубовта во  Еросот, убавиот син на Афродита во кого  биле вљубени сите, а тој само во Психа. Колку убаво љубовно лудило, да си посакуван од сите, а  да сакаш само една! За еротика се поврзуваат љубовни, а не само нагонски чувства. Еротските пориви и предизвице немаат врска со порнографија, комерцијалната секс индустрија. Затоа внимателно со терминологијата, да не се меша еротиката со порнографија. Ако на еден т.н. Саем на еротика видите голи полови органи, било во живо или преку видео, вие сте присутни на Саем на порнографија! Исто е и со стриптизетите, ако танцуваат (чепатат)  голи на шипка (при што се гледаат половите органи),  тоа се порно танчери и егзибиционисти. Актерката и бурлеска танчерка Дита фон Тиз од стриптизот направи уметност! Вешто  прикривајќи ги  најинтимните делови на телото остава впечаток  на затскриена полуголотија и суптилна еротичност. Нејзина претходничка била фаталната шпиунка и танчерка Мата Хари, но и контроверзната љубов на Салвадор Дали, руската балерина Гала (Дита фон Тиз ќе го долови нејзиниот  лик во филмот „Смртта на Салвадор Дали”). Споредувајќи ги со сегашните „шипка” танчерки ќе ја воочите разликата помеѓу пердувот и кокошката.

Е-Еротофобија (eros + phobos – љубов + фобија или страв): чувство на страв од блискост, интимност. Еротофобите бегаат од близок емотивен контакт со луѓе од спротивниот пол, впуштајќи  се во површни и краткотрајни сексуални врски. Кога ќе осетат дека партнерот сака да се врзе со нив бегаат од местото на настанот, на некој друг краткотраен настан – за нив љубовта е невозможна мисија и „настан” за моментално задоволство. Несигурни и површни, не се даваат комплетно во врската за да не им се откријат слабостите, пречувствителни на своите недостатоци. Незрело гледаат на љубовта со потценување, најчесто нејзино негирање и апстрахирање, што резултира со цинизам, вулгарност и грубост кон партнерот, кого за кусо време го отфрлаат како никогаш да немале ништо со него. Ако им укажеш на недостатоците бегаат без соочување. За нив не постојат врски со обврски, туку ситуации  и настани од нагонска природа. Таквото „донжуанско”  однесување всушност е параван за личната неспособност за искрена и сеопфатна љубов – најдрагоцениот дар на секој човек, да биде сакан и да сака со  емотивна стабилност.

Е – Еротоманија: болна, патолошка потреба за вљубување. Обратна ситуација од еротофобите кои не сакаат врзување, еротоманите манијакално посакуваат постојано да се вљубени, често и во неколку личности одеднаш. Психички несредени, имаат болна потреба за „врзување”  со друга личност преку која „инсталираат” личен емоционален интерес без сексуален нагон. Неуротични, емоционално незрели и неспособни за реално и природно доживување на својата сексуалност, влегуваат во илузија за љубов. Со квантитетот на вљубувањата, лажно го надокнадуваат квалитативниот дефицит. Вљубувањето останува идеолошко вљубување во идејата за некого или неколку, никогаш не преоѓајќи во фаза на љубов. Понекогаш може да се забележи и  во облик на  душевна психоза, како на пример болно засилена, манична потреба за вљубување (психоза) и себеизмачување со идејата за мноштво сексуални партнери со кои треба да стапи во контакт (шизофренија). Така што, ако некој ви каже дека е со “заљубљива” природа,  без да има спонтано и искуствено реализирање на сите фази на љубов, може да е латентен еротоман, далеку од еротичен човек способен да ги задоволи вашите еротски потреби.

Е- Еротски свечености: јавно и масовно покажување сексуален нагон во нечија чест, најчесто кон боговите. Во минатото тие биле чести верски обреди, различни во разни (не)култури со неконтролирано и бахато манифестирање на сексуалните задоволства преку оргии. Опишани се во историјата на древните култури на стариот Египет, Рим и Грција, Индија, Полинезија и др. Нешто познато и препознатливо во потребата на човекот за ослободување од морални стеги преку параван на верски обреди. Покладните игри и маскаради често биле пропратени со сексуални лудории по улиците на Венеција и Дубровник, дури и во времето на христијанскиот аскетизам. И современите карневали се всушност еротски свечености, не ретко прошарани со порнографски елементи. Такви бахати  чествувања има и денеска, малку поинаку организирани. На  пример во чест на домаќинот на луксузна јахта, „бог” на богатство и разврат, гостите се  соблекуваат и пируваат… Ех, една свечена  бахатост.

Е- Еротски приказни и  фолклор: Ги има низ историјата на литературата. Џовани Бокачо ќе му ја подари на светот збирката новели „Декамерон” славејќи ја физичката љубов. И македонскиот народ може да се пофали не само со вешта интерпретација на т.н мрсни вицеви, богатство од  еротски топоними, туку и со богат еротски народен фолклор и приказни.

проф.д-р Ана Мартиноска

Ја имаме таа можност и задоволство да читаме за еротичноста вткаена во  духот на Македонецот, преточена  во двете исклучителни  книги на проф.д-р Ана Мартиноска, истражувач и научник од областа на фолклорот, борка за еманиципација и родова еднаквост, феминистка и нашиот секс гуру. Тоа се: „Голиот на гости”  – Антологија на македонскиот еротски фолклор” (2007),  и     (И)стории од долапот: Избор на македонска народна еротика“ (2020). Еве што вели професорката за својот Ars Erotica на македонски начин: – „По барање на публиката, 13 години по „Голиот на гости“, уште една еротска и(сторија) конечно излезе од долапот. Скокотливоста на сексуалноста, вечната табу-тема заробена меѓу приватноста и фантазијата, во оваа книга ја претставив преку репрезентативен избор на еротски приказни, песни, гатанки, пословици и други народни умотворби од корпусот на македонскиот фолклор”.

Е-Ерогени зони:  површински области  на кожата и слузницата, хиперсензибилни на сексуални дразби. Само со еден допир може да манифестираат будење сексуален нагон и  готовност за сексуален чин. Една зона, еден допир, а двојни( бројни) задоволства. Поради чуствителноста на женската кожа, машките вешти допири може со малку да направат многу! Кај жените постојат  повеќе локации, индивидуални „паркинг” зони со автоматски систем за кревање рампа. Сите тие зони наликуваат на мини игротеки со многу играчки кои те водат кон царството на страстите и неговото височество Оргазам. Најважните ерогени зони за обата пола се преодните површини од кожата и слузница, богати со нервни завршетоци за среќни свршетоци.Типични и најраспространети ерогени зони се усните, пупките, глансот (потсете се на буквата Г), клиторисот, влезот во вагината, анусот.Но, сексот не би бил автентичност ако е ограничен со типичност. Патем, во сексот истражувањата се најиндивидуалните откритија на рајските порти – бараш и наоѓаш, а моменталното задоволство остава аманет за следни пребарувања. Варијабилни ерогени зони може  да се детектираат на очните капаци, увцињата, вратот, ивицата на косматиот дел од вратот, надлактиците, прстите, дланките, стомакот, папокот на светот, ножниот палец… Но внимателно, не секому и не секогаш може да направат тактилни чуда. Може да добиеш палец по нос ако си ја згрешил паркинг зоната, па од ерогена може да заталкаш во зоната на самракот  А кога на партнерот  ќе му се стемни, тешко се буди Еросот во него. Најважно, ако  се посветиш на откривањето ерогени зони можеш да  добиеш гратис слободна паркинг зона. И секако, матриксот на сите ерогени зони е во мозокот, кој ако е добро наштелуван за оргазмичко доживување, музикално ќе си го отсвири. Ако те допре раката на  чудотворецот и челото може да биде ерогена зона.

Е – Егзибиционизам( lat.exibere – покажување): аномалија на сексуалниот живот кој се сведува на задоволство исклучиво од  покажување гениталии на спротивниот пол. Нахалното „види ми го“, или „види ми ја“ само со гола визуелизација, е  карикатурно покажување на забранетото, скарадно и парадно, без монументална уметничка и еротска вредност. Всушност, тоа се плашливи луѓе, почесто мажи на кои им е полесно да излезат од скришно место (грмушка, лифт, темен ходник) отколку да имаат нормален секс со жена. Задоволството е поголемо ако жената не ги нападне или избега,туку реагира мирно, прифаќајќи го чинот како шега или скокотливо доживување. Така може да добијат ерекција и да мастурбираат, но остануваат само на тоа, без да се приближат на жената. Егзибиционистите се емотивно незрели луѓе со оштетен психосексуален развој. Женскиот егзибиционизам е поретка аномалија. А како и да не е, на толку можности за покажување преку медиумите! Впрочем интернетот им ја зеде „тезгата” на егзибиционистите, компјутерите и мобилните сега се нивните нови „грмушки”. Еротските-стриптиз танци  може да се мимикрија за  платен, нарачан егзибиционизам за оние кои доживуваат еротско задоволство при покажувањето на своето голо тело, притоа професионално покриено. Фала Богу не е правило и не важи за сите танчери и танчерки, апсурдно е да се генерализира со сексот и сексуалноста. Само како можен пример за исклучоци,  кои се определиле за професијата за да ја  задоволат сексуалната аномалија – возбуда при покажување полови органи.

Еве што вели проф. Татјана Стојаноска Иванова за егзибиционизмот од социјален аспект:  – „Егзибиционизам е меч со две сечила. Може да е социјален и асоцијален. Во позитивна конотација може да се сфати како желба и љубопитност за нешто ново, бестрашност, ѕиркање во светот на неистраженото, храброст, предизвик за новинитети без страв или паника од непознато. Но,  егзибиционизмот во сексуалниот дискурс е  абнормална желба за покажување голотија,  експериментирање на далечина,  откривање голотии преку кои се „покриваат”  настрани  сексуални предизвици или суптилна сексуална перверзија – себезадоволување при јавно  покажување половите органи.”

Е – Екутерство (franc.eecouter- слушање): сексуална возбуда при прислушкување туѓ сексуален однос. Таквата аномалија е наречена „секс од соседната соба” или „комшиски згодитак”. Релативно е колку и чиј глас згодно делува за слушање и уживање,  но не е баш најзгодно кога уживателите на екутеризмот ќе прочитаат, ете во некоја ваква објава со  превземени текстови од научни книги, дека се всушност невротични! Силогично би било дека масовните прислушкувања на туѓи гласови е колективна невроза, без оглед дали се звуци од сексање во мозок или на соодветни места.

Е- Ексцес (lat.excedere – претерување). Од сите можни претерувања, некој би се радувал за претерани сексуални активности. Дали? Можно е,  ако се на обострано задоволство, но ексцесот не би бил бил ексцес ако е правилно избаланиран и хармоничен. Сепак, по кои правила и критериуми може прецизно да согледуваме што е многу, а што малку кога се работи за сексуални активности. Тоа се субјективни реакции на половата дејност, некому и многу му е малку, а некој  малку му се чини многу. Затоа секој си има свои норми и капацитети на сексуална исполнетост за која никој не може реално да суди и пресуди. Механизмот за саморегулација сам реагира ако се исфорсира –  копчето се блокира. Превисока температура човекот го поти, пренајаденоста му излегува како повраќаница… Епа исто и со ерекцијата, преголемата желба за сексуално задоволство ја оневозможува. Ејакулатот, (претходно често исфрлан) нема време за „рефреш”  и бара „рестарт” на програмата. Таков е природниот  систем за наводнување, го брани организмот од насилно исфрлање течности и сексуални ексцеси, кон кои, за волја на вистината, човекот често тежнее.

Е – Евнух (eunuchos – уштроен): маж со отстранети полови жлезди и пенис. Ништо посигурно за харемски чувари кога ќе им го одземеш алатот, но и нехуман чин, присутен во историјата на исламското владеење во средниот век.

Доц. Ана Чучкова – Доктор по развојна и педагошка психологија при Меѓународен Славјански Универзитет Г.Р.Державин

Добивме  интересна психолошка анализа од доц. Ана Чучкова – Доктор по развојна  и педагошка психологија  при Меѓународен Славјански Универзитет Г.Р.Державин: -„Антрополшки гледано, евнусите биле мажи на кои им се доделувала одредена важна државна  позиција,  најчесто чувари на храмовите и харемите. Поради специфичниста на работата, морале да  поминат низ многу болен зафат – отсекување на машкиот полов орган.  Антрополошките податоци укажуваат дека потребата од ваков вид чувари –кастрирани мажи , доаѓала од верувањето дека само на тој начин мажите можат да останат лојални на својата дадена задача. Сметале дека со отсечен пенис се  отсекуваат и сексуалните  нагони.

Една од  најпопуларните и воедно најкритикуваните теории на Фројд е токму теоријата за кастрација на жената  и страв од кастрација кај мажот. На кратко , во Фројдовата психоаналитичка теорија, целата комбинација на несвесни чувства и фантазии на детето се поврзани со лишување од фалус, што кај момчињата значи губење на пенисот, а кај девојчињата верување дека тој е веќе отстранет. Денес  многу често се зборува за кастрациона вознемиреност или анкциозност, која всушност е матефорично толкување на оваа теорија.

Вознемиреноста од психичка кастрација се однесува на идејата за чувство на  безнадежност и безначајност, со нагласена  потреба да се задржи сопственото јас, а да не биде доминиран од партнерот. Кога едниот партнер го „кастрира” другиот , секако дека тоа веднаш се одразува во креветот. Омаловажување на машкоста, понижување,  исмевање, недоверба во реализацијата на  секојдневни обврски  и слично, само се дел од грешните постапки што можат да доведат до чувството „страв од кастрација” т.е. страв од  губење на машкоста во фигуративна смисла. Според Фројдовата психоанализа, вознемиреноста од кастрација може да биде огромна тежина  за поединецот, со која често се прекршуваат и другите аспекти од неговиот живот. Иако има вообичаени различни степени на вознемиреност, младите мажи кои се чувствувале најзагрозени во младоста, имаат тенденција да покажуваат хронична вознемиреност низ животот. Последиците се индивидуални но и екстремни, стравот може да еволуира од потенцијално изобличување во ситуации опасни по живот. Во суштина, вознемиреноста од кастрација може да доведе до страв од смрт и чувство на губење контрола над нечиј живот.

Да се ​​чувствуваш толку немоќно може да биде штетно за менталното здравје на поединецот. Еден од најзагрижувачките проблеми е указот дека поединецот не признава и не согледува дека сексуални желби се можна причина за емоционална вознемиреност”.

Е – Евнухоидизам: пореметување при обликувањето примарни и секундарни полови ознаки. Причинители се пореметувањата на ендокрилните функции на половите жлезди, најчесто поврзани со хипофизата – најважната жлезда со внатрешно лачење. Кога хипофизата не излачува доволно  хормони за поттикнување ендокрина функција (гонадотропини), тогаш половите жлезди остануваат недоразвиени (причините понекогаш се од локална патолошка промена во нив). Мажи со евнухоидизам личат на евнуси, растат во висина, особено екстремитетите, а општиот изглед и контурите на телото се  налик на женски типови. Постои склоност кон дебелеење, со слаб полов нагон и потенција. Кај жените пореметувањата на ендокрилната функција на јајниците е пречка за развој на секундарните полови ознаки. Телото поприма  машки облик (интерсексуалност).

Е- Ерекција( erigere – исправен): прав или крив сеедно, ако во бараниот и очекуваниот момент е „ко пушка прав”. Чин на видоизменивање на машкиот полов орган, магијата на моментот, кога центиметрите по должина и обем се зголемуваат, а мекото ткиво се здрвува. Чин на кој му претходи соодветен зачин и  инспиративен момент. Ерекцијата е последица на акумулирање крв во пенисот поради ширење на пеналните вени. Сексуалните дразби, регистрирани во големиот мозок се причина за  забрзан крвоток во органот без мозок – пенисот. Се пренесуваат на централниот нервен систем и рбетниот мозок од каде излегуваат периферните нерви кои управуваат со функциите на половите органи. Ерекцијата може да  се  случува во сон (потиснати сексуални желби и фантазии), во  будна состојба, но и при механичка дразби. Омилена е утринската т.н. „зорњак”. Ерекцијата е автоматска функција на која не може свесно да се влијае. Свесното поттикнување ерекција често води кон контраефект (кога сакаш да креваш јарбол, тој се спушта). Спонтаноста е  добра формула за ерекција. За траењето, учесталоста и силата на ерекцијата нема генерализирање, сѐ е поврзано со секоја индивидуа посебно. Се појавува во најраното детство,  а најсилна е околу втората деценија, после која почнува постепено да опаѓа. „Јао пао” зависи и од психофизичката состојба на мажот и  неговата кондиција. Отворените и екстровертни  мажи се најеректилни кога се стимулирани од спротивниот пол, истополните од истиот пол, а интровертните кога се сами со себе. Така што, за секого има ерекција со автентичен стимул. Најстимулирана ерекција е кога мажот страстно го привлекува сексуалниот партнер. Затоа еден маж може да има различна ерекција со различни партнерки. Не е случајно  кога ќе ви каже „само ти ми го дигаш вака”, но манипулаторски е ако на сите им го вели истото. Задни намери и ниските страсти на сексуалните манипулатори, е да мамат дури и  кога е невозможно, кога се немоќни да го контролираат главниот алат за промискуитетност, без учество на емоции.

Е- Ејакулација ( lat.ejakukari – исфрлање): после ерекција следува ејакулација или исфрлање на сперматозоидите при доживување оргазам. Нехотичен, рефлексен чин при сексуални дразби со одреден интезитет. Центарот за исфрлање ејакулат е во најдолниот дел на рбетниот мозок, покрај нервниот систем за ерекција. Со ритмичко стегање на задникот, мускулите околу семените меурчиња и простатата, ејакулатот поминува  низ уринарниот канал и се исфрла надвор,  во најблиската околина, на општо задоволство. Нејзиното исфрлање може да биде последица на различни ситуации, но со еден повод – задоволување. Е сега, дали е себезадоволување, обострано, тространо или настрано задоволување, е личен избор. Може да се случи во сон,  без чувство на задоволство и воопшто да не се случи и покрај долготрајни сексуални дразби. Брзината е релативна и зависи од повеќе фактори. Ретки и драгоцени се оргазмичките партнерски поклопувања, со иста брзина и интезитет следствено  еден по друг или во исто време. Пребрза ејакулација  може да биде од повеќе причини: чувство на страв, неискуство, егоцентричност,  садизам, но и  недоживување на жената како сексуален партнер.

Е- Ејакулат: од лигавиот исцедок, само еден сперматозоид е доволен да направи човек, кога така исфрлен и лигав налетува на  плодна јајце клетка. Драгоцената  течност за човештвото, просечно исфрла 200 милиони потенцијални човеци. Колку почесто се исфрла толку е поретка и обратно, редок секс – густ ејакулат.

Е – Еманципација (lat. mancipium – купен роб): ослободување на жените од зависност, потчинување и искористување од страна на мажите. Движењето потекнува од идејата на францускиот философ и енциклопедист Ж.Ж.Русо за природните права на човекот,  англиската рационалистичка философија и француската револуција од 18 век. Идејата е изедначување на правата, социјална и  економски рамноправност, напуштање на дввојниот морал или двојните аршини за машкиот и женскиот свет, професионално  вработување на жените и нивна сексуална слобода. Со должна почит кон жените борки како нашите Роса Плавева и Накие Бајрам, но од идеја до реализација многу предрасуди и борби со овој,  сѐ уште машки свет.  Во македонската  литература, прв книжевен лик на еманципирана жена е Доста Рожденката од романот „ Крпен живот” која во една рурална средина ќе донесе градски манири, како на пример носење шамивче и килоти, заради што ќе биде озборувана од примитивната рурална средина. Секоја добра идеја во почетокот е осудена од толпата просечни  и неуки, така да борбата за женска еманципација од 1910 година со Клара Цеткин, трае ли трае…

Но дали сме среќни со таква еманципација, самостојно да заработуваме, сами себе да се частиме и наградуваме (под честа ни е мажот да нѐ финансира), да се грижиме за домот и децата после работното време кое трае дури и кога влегуваме дома, веќе избезумени од професионалните работни ангажмани? Згора на тоа, треба архетипски да ја разбудиме заспаната божица во нас (Афродита, Атена , Деметра или Мерлин Монро) или во стилот на Клеопатра, вешто и амбициозно да го заведеме саканиот маж?

Проф.д-р Татјана Стојаноска Иванова

– “Еманципација на жената почнува со нејзино влегување,  со крупни чекори,  во општествениот живот, итањето кон успеси, можност за напредување во професијата,  политиката, економијата и севкупниот социјален живот. Сексуална еманципација, “прогледување” и проникнување во сексуалноста, надминување на сите табуа за женската скромност и невиност,  се суптилни теми околу кои постојани се водат битки” – вели проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова и додава дека борбата за женските права сѐ уште трае.

Е – Едипов комплекс: психоаналитички поим,  подразбира патолошка поврзаност на детето со мајката во насока на сексуална заинтересираност со паралелна агресивност кон таткото. Терминот потекнува од старогрчкиот мит за несреќниот тебански цар Едип. Кусо потсетување на трагедијата на Софокле: Едип бил проколнат да го убие татка си и ожени со мајката. Кога царот Лај ќе слушне за  пророштвото, го осудува синот, бебето Едип на смрт, за да спречи понатамошни трагедии. Но, од судбината не се бега,  Едип преживува, расте кај други родители и во судбоносниот момент, дознава за проклетсвото дека ќе го убие својот татко. Одв страв бега подалеку од своите небиолошки родители. Судбински ќе налета на биолошкиот татко, нервозен заради соочување со суровата вистина, лесно влегува во конфликт со царот Лај и го убива ( првото пророштво е сторено). Со бистар ум открива загатката на сфингата,  го наследува тронот на штотуку убиениот цар и се жени со царицата,  својата мајка ( второто пророштво). Тоа се митови, а основачот на психоанализата, Сигмунд Фројд го користи ликот на Едип за име на патолошкото пореметување, Едипов комплекс. При испитување на разните причинители за машка потенција и други сексуални проблеми, заеднички заклучоците биле дека тие мажи во детството биле патолошки поврзани со мајките. Фројд тврди дека секое дете уште во предучилишната возраст, има несвесна  сексуална желба кон мајка си. Во потсвеста посакувањето кон мајката се судира со фактот дека  таа му припаѓа на таткото и се раѓа љубомора кон сопарникот. Чуствувајќи вина заради своите чувства кон мајка си, детето го потиснува нагонот во несвесниот дел на личноста т.н. Едипова ситуација. Ако детето се развива во стабилна личност, со тек на време го надминува личниот конфликт и потсвесниот нагон. Но кај   лабилни личности конфликтот помеѓу забранетото и посакуваното останува во потсвеста и го ремети мирот. Тоа е Едипов комплекс, причина за разни неврози особено на сексуалното поле. При сексуален однос,  се јавува старата несвесна желба за секс со мајката, а психичката напнатост го оневозможува сексот. Алфред Адлер дава пореална интерпретација. Вистина е дека од такво пореметување страдаат машките деца зависни од мајките , поради што не успеале да се изградат во слободни личности. Меѓутоа, според Адлер, основната психолошка пречка при сексуалниот чин не е само нагонот кон мајката, туку и несигурноста кон животните предизвици, недоверба во себе, изразена разгаленост и егоцентричност. Таквиот маж не знае да воспостави рамноправен партнерски однос,  туку бара заштитнички однос и попустливост. Ако не најде таква партнерка ( а,ла мама) се повлекува во пасивен отпор или станува агресивен. Како заклучок и препорака до мајките на машки деца, да не се претерува со  попустливост и сентименталност кон синовите заради личното незадоволство од партнерскиот однос со нивниот татко и  бракот. Е- Електра комплекс: сексуална заинтересираност на ќерката кон таткото со истовремена  агресивност кон мајката( аналогно со Едипов комплекс). Терминот е преземен  од старогрчките ликови и  митови, ќерката Електра го наговара братот Орест да ја убие нивната мајка Клитемнестра, која го убива сопругот и нејзиниот сакан татко Агамемнон. Многу поредок отколку Едипов комплекс, но  подразбира исто така сексуален нагон и мечтаење за таткото и љубомора кон мајката. Таткото може да одигра негативна улога при воспитувањето на ќерките со преголема попустливост и задоволување на нивните желби и хирови.

Е-Еротски масажи: да ја завшиме буквата “Е” со нешто благопријатно, етерично, енергично и ејакулативно во одредени ситуации, а тоа се еротските масажи. Секој би посакал еднаш неделно масажа после која и телото и умот се како препородени, но ретко кој е привилигиран да има време и средства да си ги дозволи. За еротска масажа не треба многу време ниту средства, доволна е инспирација. Масажа на гениталиите е древна техника, Западот неодамна почна да ја користи и усовршува. Старата верзија се потпира на камасутра и тантрички секс со чудни и комплицирани обичаи, но и скокотливи наслови како: “Палење оган”, “12 часа” , “Два прста”, “Будење на клиторис” и “Влез во бавча”. За сите набројани техники за  еротска масажа може да прочитате во книгата “Жежок секс” на Трејси Кокс, ми дојде некако непријатно да ги пишувам деталите, експлицитни се, а може да читаат и малолетници. Патем, има многу шлаг, сладолед и чоколадо.

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Next Article:

0 %