Сексуална азбука

Буква Д

Дааааа, Дефинитивно плодна буква, особено кога се Дрндаме со жаргонизми Добиваме Дрски термини, Длабоки До Дно… Преиспитајте се колку термини на буквата Д, а поврзани со сексот, користите или сте слушнале! Срам ми е да ги напишам, а ги има и во топонимите како на пр. Долно Дупени 🙂

Д-Девственост: или виргинитет (virgo – девица) едно од многуте женски анатомски чуда, култно место за многу мажи, фетиш, болка, срам, солзи и крв, гордост и предрасуда, услов, пречка, двоен морал… Може да биде сè или ништо, некому најбитно, некому апсолутно небитно. Скандинавците, а можеби и Холанѓаните радикални во своите либерални сфаќања за сексот и сексуалноста, предлагат хируршка дефлорација на женските бебиња! Некогаш некаде прочитано, не се сеќавам каде за да го посочам изворот, можеби е шпекулација, но и поттикнувачка тема за дискусија. Колку девојки во минатото страдале поради изгубена девственост пред брак? Во патријахалните средини девственоста се третирала како единствена вредност, без оглед на другите особини, гаранција за среќна брачна кариера. Древните народи ги враќале жените назад во семејството ако при првата брачна ноќ не крвавеле од хименот (патем, биле каменувани до смрт).

Инсистирање на девственост укажува на несигурност кај мажот, кој потсвесно се мачи со слабоста „можеби нема да бидам толку заводлив како претходникот“ и „није љубомора ал колико си их имала до сад“. За некои мажи може да е силен сексуален набој при самата помисла дека нанесува болка од страст (садизам) или триумф на својата машкост („прв сум“). Заради преценување на девственоста во минатото, постоеле начини да се изманипулира мажот со импровизација на химен, со помош на меур полн животинска крв и средство што ја собира слузницата (adstrigencija). Да не сте помислиле да пробате вакво нешто во 21 век, кога девственоста одамна не е битна, патем постои реконструктивна хименопластика, но за тоа на буквата Х. Потребата да се манипулира со девственост води кон двоен морал. Впрочем, сè зависи од сфаќањата, културата, обичаите, традицијата … Во древниот Тибет примитивните племиња девственоста ја сметале за срамна ако девојката веќе има менструација. За жал, нечија „култура“ одела дотаму да девојките ги дефлорирале јавно, ритуално. Во древниот Рим за тоа служела скулптурата на Пријап, бог на плодност со фалус во природна големина. Некои индиски секти и денес користат лингам, симбол на богот Шиве, за вештачко дефлорирање. „Инвентивноста“ нема крај, се заменуваат божествата со свештени лица, свекор, девер и кум (кој на кого ако не свој на своето). Бизарно, но и запишано ви литер. Дела како „Нечиста крв“ на Бора Станковиќ, кога нахалниот свекор посегнува по убавата снајка Софка, присилно омажена за неговиот 12 годишен син (а што знае детето на тие години). Со еманципацијата, интелекуалниот и културен прогрес, без робување на двојниот морал, жените и мажите се ослободуваат од страдањата поради таа мала кожичка, која може да биде еластична и да не крвави. Крвопролевање во семејствата заради девственост веќе е архаизам. Кога сме кај архаизмите еве нешто и од старогрчката митологија. Во книгата „Божица во секоја жена“ авторката Џин Болен, професорка на Калифорнискиот Универзитет и јунгова психоаналитичарка, ги дели жените во три групи, според своите внатрешни и надворешни катактеристики: девствени, ранливи и божици на трансформација (алхемија). Е, девствените ги поседуваат особините на Артемида (божица на лов и месечина) и Атена (божица на мудрост и вештини) а тоа се: независност, логичко размислување, живот со цел и себедоволност. Сосем доволно за да после дефлорацијата жената остане девица во карактерот, или барем во хороскопот.

Д-Дефлорација (lat. flos – цвет): губење девственост (невиност), кинење на хименот, цветот на женската чедност, после што жената е виновна и кога не е, од невина станува давина:) За некого, поточно некоја девојка, повеќе или помалку болно, со занемарливо крвавење кое запира само од себе. Кога станува збор за еластичен химен во 10-15% случаи нема крвавење (ова треба да го знаат и момчињата).

Можна е и несакана механичка повреда во раната возраст на девојчињата, како причина за спонтана дефлорација, за што најчесто не биле ни свесни (повреда на седло од велисипед, јавање на коњ и сл.). Болката не зависи само од дебелината на хименот туку и од психичката расположба, дали чинот е зачинет со љубов на обострано задоволство. Секако зависи од трпението, умешноста и нежноста на партнерот, кој ако е насилен и груб не само што ќе предизвика физичка болка, туку многу подолготрајна психичка траума, што подоцна може да биде причина за фригидност. Дефлорацијата може да биде помалку неудобна ако пенисот влегува во вагината од горниот раб на влезот, кога жената е со испружени нозе. Тоа е така зашто во поголем број случаи хименот го затвора долниот дел на влезот од вагината. Најбитно: бидете психофизички подготвени и зрели (прочитани книги, гледани филмови, туѓо искуство), дајте му важност на чинот, местото каде и со кого ќе се случи, немојте да дозволите условеност од партнерот („ако не ми дадеш не ме сакаш“ и слични трипувања) и запамтете дека и „од прва“ може да се забремени и закачи полова инфекција! Помалку битно: поради двојните аршини за полот, сè уште виреат предрасуди од типот дека жените кои рано биле дефлорирани се „дрољи“ (се извинувам за вулгарниот жаргон, едвај го напишав, а камо среќа да е така тешко да се проговори при омаловажување на жените), а момчињата се млади „пастуви“, мајстори киначи, расцутувачи, цепачи и сл. Дефлорирајте се и дефлорирајте со љубов, вагината е нежна како роза. Само со љубов работите сами се местат, без чувство на вина или болка.

Д-Дијафрагма (женски кондом): гумена бариера вметната во вагина зад карличната коска за да лови збрлавени спермазоиди. Може да се става самостојно, но секако е подобро на гинеколог. Спречува сперматозоиди во налет, но не инфекции и HIV. Направена е од тенка гума со еластични рабови налик на летечка чинија. Не ја оставајте на видно место, да не се заигра некој мини фризби. Во минатото како примитивни дијаграгми се користеле половинки од исцеден лимон или исчистена калинка. Не така одамна, кога кондомите биле правени од дебела гума, жените ги виткале и ставале во вагина (прототип на унисекс кондом). Среќа тоа е минато, иако за волја на вистината и во сегашноста има примери дека прави информации во право време се релативни, апсолутна е глупоста, како на пример информации дека кока-колата уништува сперматозоиди (покрај тоа што добро чисти тоалетни школки). Во секој случај дијафрагмата е покомплицирана од кондомот, впрочем како и жената од мажот. Дури и името „дијафрагма“ е некако длабоко музукално, за разлика од симплифицираниот „кондом“.

Д-Ден потоа пилули: без паника, измислена е контрацепција во итен случај, поради пукнат кондом, изместена дијафрагма или заборавено апче за контрацепција! Како и да е, ѕвоно за тревога поради можно несакано забременување и она што многу подобро звучи од абортус е апче за спречување бременост после лавина несакани сперматозоиди. Се пие еден ден после половиот однос (24 часа или најдоцна 72 часа после).

Поради високите дози на хормони (прогестерон, а во некои апчиња комбинација на прогестерон со естроген) треба консултација со гинеколог, поради можни несакани реакции. На пример жени со тромбоза или со семејна историја на тромбоза не смеат да пијат „ден потоа пилула“. Хормонската бомба за спречување овулација може да нашкоди. Размислувајте Прометејски однапред, а не Епитемејски отпосле, оти како беше она вулгарното: „после е … нема каење. А после пукнат кондом – два кондома еден врз друг, како поткошула под кошула!

Д-Депо проверка: хормонална контрацепциска инекција, делува исто како апчиња за спречување на ослободување јајце клетка од јајниците. Разликата е што не се пие орално и секојдневно, туку се инјектира на секои 12 недели. Првата прогестеронска инекција се прима во надлактниот мускул, бутина или задник во првите седум дена од циклусот и така се продолжува 12 недели. Предноста е што делува веднаш, нема шанси да заборавите како апчиња за контрацепција, а се користи и против канцер на ѕидот на матката. Но, има свои негативни страни како нарушување на редовниот циклус, добивање во килажа, главоболки, депресија и најважно, кај планирање бременост треба подолг период да помине дејството на депо инекциите за да се активираат хормоните за овулација. Никако да не се земаат без консултации со гинеколог!

Д-Диспареунија (days + pareunazomol – тешко + лежење крај некого): физички тешкотии за време на сексуални односи со психогено потекло, одбивност кон одреден тип на сексуален партнер. Најчесто пропратено со болки во половите органи и стомакот, мачнина, нагон за повраќање, одвратност при самата помисла на секс со партнер кон кого се чувствува напнатост и омраза.

проф.д-р Славица Арсова

Диспареунија е пропратна појава на фригидноста, несвесна побуна на жената против сексот. Така и се лекува, заедно во пакет со фригидноста, со помош на психотерапија. „Диспареунија е болка при сексуален однос, почесто кај жените, а се манифестира со грч или затегање, поврзано со потешкитии при интимизација, поточно страв од зближување. Третманите се индивидуален или партнерско психотерапевтски, понекогаш во комбинација со антидепресиви“ – проф.д-р Славица Арсова. Повторно потврдено дека најважниот сексуален орган е мозокот, кога мозокот (не) сака и вагината реагира.

Д-Дисменореја: (dys + man + rhein – тешкотија + месец + тече), субјективни пречки во врска со менструалниот циклус, болни грчеви во долниот дел од стомакот пред, за време или на крај од мензисот.

Не ретко болките се пропратени со мачнина, гадење, главоболка, несвестици до замагленост, како и неконтролирани емоционални реакции, раздразливост, пречувствителност до хистерични и психотички појави. Обично се појавува во младоста и со тек на годините се смалува, особено после раѓање деца. Примарната дисменореја се појавува после првите месечни циклуси, некаде до дваесетата години и поврзана е со овулацијата. Затоа треба од првата менструација да им се објасни на девојчињата дека мензисот е здрав циклус кој не треба да се доживува како непријатност и да премине во нездрав став кон сексуалноста. Секундарната дисменореја е болест од органски причини како ендометриоза, полип, миом и други малформации на грлото на матка. За (не) фармаколошки лекувања треба консултации со гинеколог. Како утеха, жената се навикнува на болка, станува поиздржлива дури и од мажот, кој колабира дур ги слуша породилните болки на сопругата.

Д-Донжуан (Don Juan): опеан во шпанските легенди како јунак на љубовни авантури, заводник и освојувач на женски срца, но и циничен развратник и срцекршач. Мажи неспособни да развијат чувства кон една жена. Нивниот приод е нагонски, имаат потреба за освојување и секс, што нема врска со љубов. Се трудат дур не освојат и си заминуват без пардон. Во заднина е несигурен маж, полн недоверба кон жените и страв за емотивно врзување. Неговото нарцисоидно однесување полно себедопадливост е параван за неговите комплекси. Всушност полн е со садистички црти во карактерот, сака да повредува за да не биде повреден, навредува, омаловажува и обвинува за неморал, а самиот е аморалан циник. Интригантен и инспиративен лик во многу литературни дела, доволно е да се прочитаат Дон Жуаните на Молиер и Бајрон за да се долови нивниот (не)карактер на мажи инвалиди за љубов и сексуални предатори. Интересно, но и авторите на делата биле заводници и срцекршачи на многу жени, но освоени од една жена, Бајрон од братучетка, а Молиер од колешка актерка со која ќе има вонбрачна ќерка за која се претпоставува дека подоцна му станала љубовница (ниту е докажано, ниту одречено).

Д-„Длабоко грло“: фраза инспирирана од порно кралицата Линда Лавлејс. Порно кралицата веројатно немала крајници кога успевала да вовлече пенис во полна ерекција длабоко во грлото, без да се загрцне или поврати. Толку! Информацијата е препишана од книгата „Жежок секс“ на Трејси Кокс.

Д-Дилдо (вибратор): популарна сексуална играчка за возрасни. Скришно и љубоморно се чува без да се споделува со другарчињата, освен со партнерот на заемно задоволство и дружење. Идеална играчка за мрзеливи и осамени, кои без многу труд, за минута, би постигнале крајни и врвни резултати. Сексуалните терапевти не го препорачуваат секогаш и секаде за да не „закржлават“ партнерските сексуални вештини (сепак, човекот е тактилно суштество). „Спротивно од порно индустријата, поголемиот број жени не го користат вибраторот во вагина, туку врз клиторисот. Процентуално, 41% жени кои завршиле само средно образование не мастурбираат; само 7% од испитаничките кои продолжиле со високо образование не практикуваат соло секс. Процентот на помлади жени од 40 години кои користат вибратор е 26%, а најпопуларниот во Америка е т.н. „убава дама“ со ротирачки бисери за стимулурање на Г-точката“ – објаснува Трејси Кокс во прирачникот „Жежок секс“. Секако, испитувањата важат за Американките, кај нас не би можеле да „извлечеме“ ни приближни слични податоци (замислете универзитетски професор да раскажува за својата интима во анкета). Инаку, положбата, техниките и изборот на вибраторот се ваши, зависат од вашата мечта, а времетраењето во просек е од 60 секунди до 3 минути (здраво задоволство за три минути, без многу труд и креативност). Способноста сами себе да се задоволите е сексуална независност, но играта е покреативна со партнер, впрочем за љубов и водење љубов се потребни двајца. Тројка е веќе друга тема за друга буква. Д-Доп, Дрога и секс: „Алкохол поттикнува желба, но ѝ ја попречува реализацијата“ – Шекспир во „Леди Магбет“. Дека дрогата е афродизијак за космички секс, е космичка глупост! Дури и да ви се случи „вонсериски секс“ под наркотици, колку свеста може да процени што реално се случувало. Реална „придобивка“ е ризикот под капата на наивно оправдување: „не знам што правев“.

Најдобриот афродизијак е мозокот во пакет со останатите помагала, како раце, нозе, уста, гениталии и вашето срце полно љубов. Ако имате потреба од допинг и дрога за добар секс, имате проблем! Доп (марихуана или канабис) го зголемува нивото на фенилетиламинот, невротрансмитер поврзан со љубов и страст, ја засилува свесноста и осетливоста на кожата и гениталиите, но ја поматува свесноста за времето. Во сета таа вештачка дезорентираност играте руски рулет! Патем, финансирање скапи навики се потенцијално многу поскапи одвикнувања. И накважно од сè, комбинација дрога и секс е тест за вашиот ментален склоп и карактер Ако „послушате“ нечиј „добронамерен совет“ станувате послушници на ѓаволот, а за ѓаволштини во кревет не ви треба ништо повеќе од здраво тело и дух. Следната недела на буква Ѓ – Ѓаволштини во кревет.

Д-Двоен морал: Добро би било кога терминот би значел дуплирање на морални вредности, нивна двојност, но не е така со двојните моралисти. Подразбира сексуален морал поврзан со патријахални средини каде не важат исти норми за мажите и жените. Основно правило е дека мажот го има сето право да ужива во својата сексуалност и сексуалната слобода, за разлика од жената која ја потиснува.

Во брак мажот влегува со сексуално искуство, додека за жената тоа е недопустливо. Мажот добива во вреднување кога има вонбрачни врски или авантури, а жената добива по глава, осудена е како грешница. Еклатантен пример е српскиот филм „Лепоте порока“ каде дејството се случува минатиот век. Мажот ѝ пресудува на неверната сопруга со токмак по глава, пред очите на соселанките кои се ситат на грешната „вештерка“. Така се создава родов јаз и услови за низа несреќи и трагедии.

Д-Детска сексуалност: заинтерисираноста на децата за својата и туѓа сексуалност е присутна од најраната возраст и е нешто многу природно и нормално. Ненормални може да бидат хистерични реакции на распаметени родители ако си ги видат децата како мастурбираат или се играат доктори пипкајќи си ги половите органи. Мирно и внимателно, секако не треба бравурозно да аплаудирате ако видите такво нешто, но вербални навреди, физички казни, заплашувања и забрани се многу поштетни и со долгорочни последици, отколку самозадоволувањето или најчесто, имитирање возрасни со своите мали неразвиени полови органи.

Со децата треба соодветен разговор, според возраста, евентуално да им се укаже на можни повреди или инфекции ако често ги допираат гениталиите со остри и нехигиенски предмети. На детската љубопитност треба да се одговори сталожено, едноставно и вистинито. Секако дека е подобро да се излажат дека ги донел штркот отколку да ја видат вистината за правење деца во спалната на родителите, или уште пострашно на достапните порно сајтови… Но, тоа се крајности меѓу кои треба избалансиран разговор. Периодот на спознавањето на сексуалноста во најрана возраст треба да се сфати како минлива фаза, да се реагира дискретно без многу врева. И не паничите ако ги начекате во комбинација брат со брат или сестра со сестра, не се тоа хомосексуални склоности, исто како што не е инцест ако се пипкаат брат и сестра. Секако, станува збор за „истражување“ во најраната возраст кај децата.

Д-Детски брак: не е приказна или вообичаена детска игра кога мали деца се играат татко и мајка. За жал не е ни минато, во некои примитивни племиња на домородните Австралијци сè уште функционира. Шекспировите јунаци Ромео и Јулија тајно се венчаваат и поминуваат прва и последна брачна ноќ како малолетници (некаде е забележано дека имале 13, а некаде 16 години).

Дали најстрашното доаѓа, кога во извитоперениот виртуелен свет може да се видат слики од малолетни деца во интимни пози, згора поддржани од родителите во име на нивната малолетничка љубов. Дали е тоа само перфиден начин за затскриена детска порнографија или помодарство а’ла медиумските атени за продавање интимност (Големиот брат, Задруга и сл.)? „Сè што е човечки не ми е страно“ – Шекспир, и многу е можно вљубувањето во раната фаза на пубертет, но кога нечија интимност јавно се покажува, е настраност. Детски брак кај културните народи најдолго се задржал кај Кинезите и Индијците (сетете се на „Малечката невеста“ – диносауруска, комерцијална филмска серија која трае подолго од самите обичаи), а кај Англичаните до 16 век (векот на Шекспир). Обичајот за склопување брак помеѓу малолетни лица, или малолетничка со постар маж, имал свои причини: дефицит со жени, забрана за полови односи пред брак, патријархалниот императив на таткото за брак од интерес, задржување на името и имотот… Како и да е, за младо девојче кое има сексуални односи и забременува во пубертет е стрес и шок за организмот, особено кога не е резултат на спонтано вљубување и љубов. Сето тоа го исцрпува младиот организам, сè уште психички неспремен за мајчинство и сексуален партнер. Фрустрациите од преголема одговорност, разочараноста од последиците на предвремената интимност, предвреме го стареат организмот. Затоа генерално, драги деца и средношколци не брзајте со сексот, пролонгирајте го најрано после полнолетството, повеќе ќе уживате во водењето љубов во втората, отколку во првата деценија од животот. А за бракот треба малку да се побрза, се претера во барање идеални услови и пантери во четвртата деценија. Да не стане бракот заедница на климактерични луѓе на чекор до третото доба. Крајностите не се добри.

Д-Детска порнографија: најболната тема за која се молчи, а никогаш пораширена и подостапна не била, „благодарение“ на можностите на ИКТ и комуникација. Се зборува јавно, само кога ќе се случи откривање на интернет мрежните каналите за веќе поодамна умрежените жртви на сексуална злоупотреба, како случајот „Јавна соба“ или јавен срам на сите нас возрасни, што дозволуваме да се повторува. Во служба на порно индустријата и педофилската мрежа бескрупулозно се ловат малолетни деца. – „Многу е важно за оваа болна тема да се води исклучително одговорна борба за сузбивање детска порнографија, од страна на надлежните државни органи и цврста соработка со образовните институции, родители и институции за згриженост на децата“ – загрижено одговара Драги Змијанац, основач и претседател на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, човекот-заштитник на најранливите категории луѓе, децата.-„Во случајот „Јавна соба“ прекршени се повеќе права на децата, како што е правото на приватност, согласно членот Член 16 од Конвенцијата за правата на детето: „Дете не смее да биде изложено на самоволно или незаконско мешање во неговиот приватен или семеен живот, домот или личната преписка, како ни на незаконски напади на неговата чест и углед“. Но има повреда и на правото на заштита од злоупотреба и малтретирање (член 34 и член 36 од КПД)

Добро е да се прочитаат и казните за детска порнографија според Кривичниот законик:

„Под детска порнографија се подразбира порнографски материјал кој визуелно прикажува очигледни полови дејствија со малолетник или повозрасно лице кое изгледа како малолетник, или го прикажуваат малолетникот или повозрасното лице кое изгледа како малолетник во очигледна сексуална положба, или реални слики кои прикажуваат очигледни полови дејствија со малолетник или го прикажуваат малолетникот или повозрасното лице кое изгледа како малолетник во очигледна сексуална положба“, се дефинира во членот 122 од Кривичниот законик.

Понатаму, во членот 193-а од овој законик, кој се однесува на детска порнографија, е пропишано и кривичното дело „Производство и дистрибуција на детска порнографија“:

„Тој што произведува детска порнографија со цел за нејзина дистрибуција или ја пренесува или ја нуди или на друг начин ја прави достапна детската порнографија, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

Тој што набавува детска порнографија за себе или за друг или поседува детска порнографија, ќе се казни со затвор од пет до осум години.

Ако делото е сторено преку компјутерски систем или друго средство за масовна комуникација, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку осум години“, се пропишува во членот 193-а од Кривичниот законик.

Во Кривичниот законик, исто така, е пропишано кривичното дело „Намамување на обљуба или друго полово дејствие на дете кое не наполнило 14 години“:

„Тој што преку компјутерско-комуникациски средства со закажување средба или на друг начин намамува дете кое не наполнило 14 години на обљуба или друго полово дејствие или на производство на детска порнографија и ако со таквата намера е остварена непосредна средба со малолетникот, ќе се казни со затвор од една до пет години“, се пропишува во членот 193-б од Кривичниот законик.

д-р Татјана Гуржанова

Д-Дијабет, ама гестациски, за кој дава објаснување д-р Татјана Гуржанова специјалист гинеколог акушер, субспецијалист по хумана репродукција: -„Гестациски дијабетис или дијабет во бременост се јавува како што самото име кажува во бременост и тоа во втората половина од бременоста. Краткотрајна состојба, која најчесто исчезнува до неколку недели после породувањето, но може да навести и диабет тип 2 во поодмината возраст кај жената. Доколу не се детектира навремено, може да донесе компликации во бременоста и да го стави во ризик животот на бебето и мајката. Се случува во бременост поради хормоните на постелката, кои ја одржуваат истата, а во суштина е неможност да се искористи гликозата во крвта за исхрана на клетките и покрај високото ниво на инсулин. Силно е асоциран со зголемена телесна тежина во бременост, после 40 година од животот, претходна бременост со гестациски диабетес, како и претходно роден плод над 4 кг итн. Затоа на секоја трудница уште од почетокот на бременоста се дава совет да не јаде благо, тестенинк и сè што има високо ниво на шеќери“. Ете така, да ја заокружиме буквата Д со грижа за бремените жени, најблагородното нешто што може да ни се случува – раѓање здрави деца од здрави мајки!

 

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Next Article:

0 %