Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква Г.

Г-Гениталии: на прв поглед сите наликуваат едни на други, а впрочем се индивидуални колку и нивниот сопственик (сопственичка). Колку различни облици и големини на носеви, толку широк спектар на разликувачки гениталии. Секој е посебен со своите гениталии и во формата и во функционалноста. Често се користат митови и хиперболи кога се зборува за големината на гениталиите. Онолкав, толкава … Мажите често додаваат центиметри, жените обемност (бујност), но сега и митовите стануваат реалност со реконструктивна, пластична хирургија, па не само да можеш да бираш облик, големина и разни украсни атрибути (тетоважи, пирсеви, фризури …) туку да си натакнеш и гениталија од спротивниот пол. Секако, ако хормоните тоа ти го диктираат (читај милуваат), целта ги оправдува желбите. Технички може да настане проблем ако пенисот е премал, а вагиналниот канал преширок. Но истиот „проблем“ може да се надмине кога сопствениците на „проблематичните“ гениталии ќе сфатат дека нормален човек се врзува за личност, а не за гениталии. Претесна или преширока, премал или преголем … За сите има решенија, или за секого барем по еден (една). Големината е битна, но не и пресудна. Има нешто и во цврстината, во тврдоста, влажноста. Има и во умешноста еден мекотел да се метаморфозира во тврд орев, а една „сахара“ во „нијагара“. Кога сме веќе кај поимот големина да спомнеме просечни димензии, за кои често немаме поим, оти има моменти кога не ни е до премерување. Чисто информативно, просечен пенис (кога не е во фаза на ерекција, онака опуштен) е долг околу 9,5 цм, а широк 3,9 цм. Центиметрите се зголемуваат во фаза на ерекција и оргазам, посебни процеси кои не секогаш одат истовремено. Ејакулација е исфрлање на ејакулат (војска сперматозоиди), додека оргазмот е чувство.

Сопственикот на пенисот може да ејакулира без оргазам и обратно, да доживее оргазам без исфрлање сперма. Заклучокот би звучел како воскликот на голиот Архимед кога излетал од када и викал „еурека“. Еурека, па и мажите може да глумат оргазам! Сепак, жените се Оскаровки кога треба да се фолира. Нејзиното Височество Вагина има повеќе делови, регии, брегови, но и еден единствен хедонистички орган, создаден исклучиво за задоволство долж неговите десетина центиметри. Тоа е клиторисот. И после кој кому треба да му љубомори? Демек, клиторисот е „закржлавен“ пенис! Вагината е мускулеста цевка долга околу осум центиметри, адаптибилна на секаков пенис, со два волшебни брега за подобра амортизација (нешто како ербек во случај на силен удар).

Г-Граафов фоликул: меурче што живот значи! Се создава околу јајце клетката зрела за оплодување, нешто како фино меуресто руво со кое јајце клетката тргнува на пат од јајникот на рандеву со неговото височество сперматозоид. Да не промрчи после во маскулин: „ми дојде гола, без чеиз испратена“…

Г-Галантност: збор од француско потекло синоним за отменост, воспитаност, љубезност, дарежливост, сервилност … Атрибут резервиран за машкиот род, а според францускиот философ Монтескје „деликатна, лежерна, вечна љубовна лага“. Го достигнува врвот на употребната вредност токму во 18 век, кога западноевропските земји така „лежерно“ ги напуштаат феудалните стеги имитирајќи го развратното Римско Царство. А секоја жена би посакала галантен маж крај себе, да ужива во неговата отмена дарежливост, префинета љубезност, сеприсутно џентлменство, бла, бла, бла … Дали е реална таквата амбициозна желба на жените за преизразената галантност и во што може да се предимензионира?

проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова

„Галантен маж, оној вистинскиот без лажни предрасуди, ја става жената на пиедестал. Неговата галантност се препознава преку погледот, како ја гледа саканата жена, преку допирот, љубезноста и постапките – тие се неговите атрибути на галантност. Но, симптоматично е дали во ова сурово материјалистичко современие галантноста е можна реалност или е мит, дали зад лажните вредности се крие освојувач и срцекршач, кој под превезот на галантноста всушност е homobalkanikus. Сепак, иако ретки сè уште не се изумрени како диносаурусите, понекоја среќна жена го има крај себе, галантен и во добро и во лошо“ – објаснува проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова.

Г-Гејша: јапонска танчерка школувана за претапорт проституција, слична со старогрчките хетери. Гејшите биле жртви на сиромашни родители кои ги продавале на сопствениците на гејша-куќите, вид на отмен бордел, каде биле обучувани за својата професија. Гејшите учеле да се однесуваат како да се од благородничко потекло. Рафинирани во облекување воделе темелна грижа за телото и изгледот, учеле вештини за танцување, свирење инструменти и галантна комуникација. Нивната работна задача била да ги придружуваат богатите гости, да ги анимираат и да им ги задоволат сексуалните потреби, но само ако сакаат (не биле принудувани). Служеле за забава и восхит, судбината си ја предале во рацете на мажите, но не и во нивното срце. Имале големо влијание во јавниот и политичкиот живот во Јапонија. Поради интимноста со влијателни мажи служеле како алатки за разузнавање. За разлика од Мата Хари, која била една (патем, никогаш немало цврсти докази за нејзините сериски шпиунажи), гејшите биле многубројни и секогаш заштитени од сопствениците на борделите. Ако некој маж посака да ја откупи, таа добива шанса за нов, слободен живот. Со тек на времето, ваквите куќи на рафинирана проституција ќе бидат заменета со обични, евтини бордели без заштита на своите метреси. Јапонската влада ги забранува јавните куќи од 1956 година, а сè понатака ќе се одвива како тајна и законски забранета проституција или фузоку. Денес ни проституцијата не е веќе она што била. Сменети се и називите, со законски облигации за човекови права, проститутките официјално се сексуални работнички. Како ли би звучела машка именка од проститутка? Проститут! Хмх подобро звучи жиголо, ама за нив подоцна, кога ќе стасаме до буквата Ж. Впечатливи белетристички и филмски верзии за животот на гејшите има повеќе, но доволни се и книгите „Земјата на снегот“ од Јасунари Кавабата и „Мемоарите на една гејша“ од Артур Голден, со импресивна филмска верзија. Со лик на порцеланска кукла, нескршлива дури и кога е марионета во рацете на похотни мажи, гејшата е инспиративен, архаичен лик, веќе одамна заменет со нови претапорт сексуални работнички, кои би требало да се однесуваат како да се со „сина крв“ дури и кога крвта им ја пие похлепниот капитализам, без пардон (да не речам без морал, за да не ширам Говор на омраза баш на буквата Г).

Г-Горделивост „Некоја чудна гордост нè тера не само да го поседуваме другиот туку да ги изнудуваме неговите тајни, не само да му бидеме драги туку и фатални, во животот на другиот да се играме сива еминенција“ – Бодријар. Горделивоста е триумф на самољубие и нема врска со љубовта за која апостол Павле во посланието кон Кориќаните ќе каже: „ Љубовта долго трпи, благотворна е, љубовта не завидува, не се гордее, не се дуе, не прави нешто што не личи, не го бара своето, не се растревожува, не мисли за злото … поднесува сè, верува во сè, се надева на сè, трпи сè. Горделивоста е суетна прчла, особина која разделува луѓе, исто колку што скромноста спојува. Горделивите луѓе постојано зборуваат за себе, гордеејќи се на својата ситна душа. Лажна понизност е затскриена горделивост и опасна мимикрија. Горделивците се лоши љубовници, сексуални предатори кои манипулираат со партнерската љубов за себезадоволување. Вешти во заведувањето но не и во задржувањето со еден партнер. Едноставно, горделиви се на својата промискуитетност и цифрата на сексуални партнери.

Г-Гинекократија (гинократија, матријархат) подразбира систем каде општествениот и политичкиот живот го водат (владеат) жени, особено мајки. Во материјалната и духовна култура постојат докази дека матријахатот бил прв и најстар облик на владеење на жените, третирани како божества заради обдареноста со космички најмоќната способност, раѓањето. Се негувал култот кон божицата Големата Мајка. На територијата на Европа и Северна Азија пронаоѓани се фигури на мајки со нагласени атрибути на плодноста. Хомер во своите епски дела ги опишува Амазонките како жени воини на кои мажите им биле подредени и им служеле само за оплодување. Во кинеската област Јунан, во подножјето на Хималаите и денеска живее племето Мусао, старо преку 2000 години, кое се смета за последниот матријархат на светот. Жените не се мажат, имаат повеќе мажи, а имотот го оставаат само на женските деца. Во нивниот речник не постојат зборовите татко и маж. Секако ниту зборовите еманципација и феминизам, оти женичките си имаат наследно право и традиција за владеење над мажите, кои им служат само за приплод и нема за што да се борат. Патем, може да си бираат кого сакаат за секс, без да бидат етикетирани од мажите дека се со лесен морал. Морално беше бе Пиги и една ваква заедница да постои, само да не им текне да парадираат и да се изборат за своите права и системот на владеење ширум светот. А може и да им се допадне на мажите, ништо друго да не прават во животот, освен деца. Всушност, жените се подоминантни од мажите во сексот. Нив не треба да им се дигне, ниту да се пумпа крв за ерекција, а само со еден добро искористен сперматозоид создаваат човек. Совршено!

Г-Гинекомастија: зголемување млечни жлезди на машки гради, физиолошки минлива појава карактеристична за периодот на адолесценција. Но, последица е дисбаланс на квантитативниот однос меѓу машките и женски полови хормони во организмот на млад маж. Гинекомастија кај возрасен маж е од патолошка природа и одраз на нарушена работа на ендокрилните жлезди, пред сè тестисите. Ако се дијагностицира причината може да се лекуваат со хормонална терапија и последиците. Понекогаш е пропратна појава на генетско нарушување при формирање машки пол и се јавува во рамките на привиден хермафродитизам. Природата неретко е сурова и знае да си поигра со живиот свет, па така некои мажи го живеат сонот на некои жени, а тоа е природно нарушено зголемување на градите.

Г- Геј паради Со јакнење нови европски вредности и борбата за човекови права сѐ поприсутни се и геј парадите. Долговековната затскриеност, казнување и изживување врз хомосексуалната популација како да му пркоси на стрејт светот гордо парадирајќи со својата сексуална ориентација. Ориентација или дезорентација, за или против геј парадите? Дали е можно  компромисно, културно решение, без парадирање со недолично и провокативно однесување и облекување? Човек кој твори, создава дела, живее со хуманистичките начела на добар човек, нема потреба од паради без оглед дали е геј или стрејт. Љубовта, сама по себе, не сака покажување, јавност, помпезност, не бара никакви права оти ги има сите права на светот. Ако и хомосексуалството е љубов, а љубовта е љубов, тогаш чуму паради? Им правиме лоша услуга на хомосексуалците, по ништо поразлична од стрејт луѓето, освен по својата сексуална орентација која не е ниту болест ниту проблем, ниту тема за парадност. Правејќи  драматични ситуации, кревајќи прашина таму каде има талози од предрасуди  долеваме бензин во оган  деградирајќи ги  луѓето, кои според својата природа не треба ништо друго да прават, освен да останат достоинствено доследни на својата сексуална природа, според која плод на нивната хомосексуална љубов не може да бидат деца. Одгледувано дете во хомосексуална заедница треба да е посилно од сите предрасуди, омаловажувања, брутални навреди и сѐ она со кое ќе се соочи уште првиот ден во градинка и понатака… Но дали е возможни да биде посилно едно мало дете од силата на големите предрасуди… Љубовта и грижата која ја добива од своите родители 1 и 2 во вакво општество нема да го одбрани од презирот на своите врсници и системот.

Така што, многу сериозно и најодговорно треба да се размисли пред донесување законски решенија за заедништво на геј луѓето, оти законот  на природата на луѓето ниту еден општествен закон не може да го контролира. Ниту може да контролира дали позади хомосексуалниот пар не се кријат педофили, исто како што не може ,,од прва” да се види дали  позади стрејт родителите не се кријат психопати. Но, кога нешто се прави нахално и по секоја цена, на сѐ уште  ментално  неподготвена популација, цената дупло се плаќа – страдаат и едните и другите. Парадирање и драматизирање без уметничка вредност со егоистични цели на себезадоволување, асоцира на манипулација. ,,Несвесна, контролна драма е потреба  постојано да привлекуваш туѓо внимание и да драматизираш за да црпиш туѓа енергија. Повторувајќи едно исто сценарио, една иста драма,  манипулираме и крадеме туѓа енергија” –  ,,Целестинско пророштво” на Џејмс Редфилд, шестиот увид.

проф. д-р Славица Арсова

Г-Геронтофилија: (geron + filein = старец + сакање) е пандан на педофилија, сексуално нарушување неретко пропратено со садизам и насилство на млади луѓе врз стари, но и изнемоштени лица. Може и обратно, будење сексуален стимул заради патолошко чувство за неопходна, нужна блискост со стари изнемоштени лица. Истражувањата укажуваат дека повеќето геронтофили имале престроги родители или наметливо влијание на бабите и дедовците во процесот на воспитување. Старосната разлика на ваквата психичка неусогласеност и емоционална недозреаност е над 35 години, секако ако се работи за патолошки сексуален нагон или парафилија, а не за љубов која нема старосни граници. Брак или врска со многу постар маж или жена не мора да е патологија, може и да е љубов на обострано задоволство. Има многу примери за нормални бракови каде разликата меѓу партнерите е голема (Иво Погорелиќ со својата 13 години постара професорка по клавир, Брижит Макрон со својот 24 години помлад ученик, сега претседател на Франција, д-р Јовица Угриновски со 33 години помладата сопруга со која жвее во складен брак од љубов и др.) Нема место за дискусија и предрасуди кога се работи за љубов. Дури и кога заднината е некаков материјален интерес, тука нема патологија кога полнолетни лица се решиле за таква врска, а никој никого не злоупотребува. Постојат два типа геронтифилии: алфамегамија (сексуален нагон кон стари мажи) матронологнија (сексуален нагон кон стари жени).-„Геронтофилија е нарушување во сексуалната преференца. Кога сексуална возбуда и задоволство се доживува со неадвекатен избор на партнер, станува збор за сексуални нарушувања како геронтофилија, секс со многу стари и често изнемоштени лица. Во истата група спаѓаат и фетишизам, воајеризам, егзибиционизам, некрофилија, педофилија и сл. Ретко растројство може да биде во склоп на нарушување на личност, кај алкохолизам или лица со интелектуална попреченост“ – ни објаснува проф. д-р Славица Арсова, психијатар-психотерапевт. Ќе звучам бизарно, но за геронтофилите и педофилите омилени места би им биле старски домови и градинки – побизарно здравје!

Г-точка: Графенбергова точка за оргазмичко лудило. Мало местенце баш како точка од каде излетуваат восклици како Еурека. Фамозно место или мит? Ернст Графенберг во 2944 година објавува научен труд со теза дека на горниот ѕид од вагината се наоѓа местенце за гарантиран оргазам. Може да замислите како поминал во тоа време! Светот во војна, Германија пред капитулација, а на научникот му е до пронаоѓање култно место за еротски набој. После 40 години, тезата ја истражуваат американски психолози истражувајќи дали жената може да доживее повеќекратен оргазам без стимулирање на клиторисот. Од тогаш тезата е тема и на модерната наука која не се сомнева дека вагиналните ѕидови ја кријат таинствената област. Но, при обдукција на труп никогаш не е детектирано во физички присуство, што значи дека е стимулирано место кое се појавува со стимулирање на сексуално задоволство. Впрочем, најважниот сексуален орган е мозокот, другите се извршни помагала. Потрагата по пронаоѓање на Г-точките и кај мажите и кај жените е како потрага по светиот Грал. Нема многу светост во тарашкање по гениталии, нооо ако се пронајде фамозната точка задоволството е светол момент. Вешто пронаоѓање и стимулирање на чудотворниот предмет е сексуално просветлување, секс-зен проблесок. Само уште да се знае како да се пронајде скриеното благо … Во книгата „Жежок секс“ на Трејси Кокс (стр. 123), има кусо упатство со препораки за пронаоѓање на женската и машката Г-точка. За НЕА: Г-точка се нервни завршетоци и жлезди блиску до мочниот меур или уринарниот тракт, кои може да набабрат само во фаза на надразба. Поголемиот број стручњаци сметаат дека има големина на поголемо зрно грашок. Оргазмите на Г-точката се разликуваст од клиторалните оргазми по ејакулација на бистра течност (не е урина). За НЕГО: Ако не сте успеале да ја пронајдете својата Г-точка не значи дека и вашиот партнер ја нема. И таа се наоѓа блиску мочниот канал поточно до жлездата простата. Разликата е што жените може сами да си ја пронајдат, ако се упорни во внимателно пребарување со прст. На мажите им е потешко да си ја стимулираат зашто се наоѓа во ректумот. Така што, можете да ја пронајдете кај вашиот партнер ако внимателно ставите прст (чист, подмачкан и без нокти) во предниот ректален ѕид и напипате нешто со големина на орев. Нежно масирајќи со прстот, повлекувајќи го ритмично надолу може да бидете причина за многу силен оргазам и млазно ејакулирање, без да го допрете пенисот. Напомена: ако не ги измиете рацете и ги допрете своите гениталии може да си пренесете бактерии“ – извадоци од еден искрен и духовит сексуален прирачник на една од најистакнатите светски писателки за сексот, Трејси Кокс.

Г-Глутеален секс: кога немате кондом, а згора имате циклус има алтернатива која се вика глутеален секс (патем, глутеалниот мускул е најголемиот човеков мускул распространет околу задникот и бедрата). Вдлабнатината меѓу женскиот задник може да подлужи како алтернативна вагина. Техниката е во мускулите, кога ТАА ќе го стегне задникот кружејќи со карлицата (жаргонски „мешајќи“) ТОЈ го става пенисот во поприлично тесна, удобно мека вдлабнатина меѓу две полутопки.

Г-Генитален херпес После ХИВ инфекциите стравот од херпес стана нешто подносливо. Човек се навикнува на сè, ги прифаќа состојбите кога знае како да се справи со непријатните мали грозници на гениталиите. Станува збор за инфекција предизвикана од вирус херпес симплекс од два типа (едниот излегува на уста, другиот на гениталии), а всушност е истиот. Така што вашиот партнер со херпес на уста може да ви го пренесе и на устата и на усните од вагината, секако ако сака да се бакне и со неа. Првиот симптом е благо пецкање, па се појавува едно проsирно мало плускавче, па грозд од повеќе плускавци кои пукаат и загнојуваат како чирчиња (некако посмирувачки звучат деминутивчиња, како чирчиња, плускавчиња, херпесчиња.) Кај жените такви ранички или лезии може да се појават на вулвата и на влезот од вагината, но и на грлото на матката. Кај мажите на пенисот или тестисите. Инфекцијата трае околу дваесет болни и гнојни денови, раните зљцелуваат за две недели, но не исчезнуваат засекогаш. Повторливи се и обично на истото место. Поврзани се со слаб имунитет, исцрпеност, стрес но и алкохол. Можно е да закачите херпес, а да не пројавите симптоми подолг период поради силен имунитет.

д-р Татјана Гуржанова

На прашањето дали херпесот е причина за рак на грлото на матката одговара д-р Татјана Гуржанова, гинеколог акушер: – „Херпесот не се поврзува со рак на грлото на матката, ниту го предизвикува. Рак на грлото на матката е силно поврзан со присуство на високо ризичен тип на HPV, кој е сексуално пренослива болест. Единствена заштита од инфекција е користење кондом при сексуални односи. Херпес симплекс знае да се активира во тек на бременоста и да оневозможни природно породување, поточно ако се појави породувањето треба да е со царски рез за да не се пренесе вирусот кога новороденчето излегува низ вагината“. Херпесот се држи под контрола, но кога еднаш ќе се појави не се лекува трајно, останува во телото и нервните влакна чекајќи во заседа. Помалку напнатост – помалку склоност за активирање на одомаќинетот натрапник кој веќе е пренесен со вагинален, анален или орален секс (може преку директно допирање со херпес грозница, не мора секогаш да е по пат на сексуален контакт). Со манифестирање на првите симптоми како што е пецкање, па сè до појава на грозница, веќе сте заразни и може да заразите друг. Дури и кога немате симптоми (асимптоматични), го носите вирусот и може да го пренесете на партнерот.

Г-Гарднелера вагиналис: почеста е и од вагинален детритус (кандида). Потстанар на секоја вагина, каде живее мирно додека не ја вознемирите нејзината природна средина. Кога е „извадена“ од нормалното опкружување, обично после односи, гарднелерата (иако според името адоцира на цвеќе) има мирис на риба (прв симптом). Следен симптом е исцедокот, кој стануца воденикав, редок до пенлив, ама не како пенлив ароматичен шампањ, туку пена со остра, непријатна миризба која се чувствува и преку долна облека. Се третира со антибиотици и не се пренесува со полов однос, така што партнерот не мора да се лекува од гарднерела вагиналис-резервирана е за вагините.

Г-Гонореја: жаргонски трипер или „капавец“ (поради капките гној). Една од најстарите полови болести, чиј предизвикувач е бактеријата гонокок. Најчест начин за инфицирање е ризичен секс без кондом, било вагинален, орален или анален, но можно е и со размена на веќе инфицирана интимна облека, како и на новороденчето од инфицирана родилка. Ако бебето се инфицира добива форма на коњуктивитис, а ако не се лекува може да биде причина за слепило кај бебето. Со бакнеж или користење тоалет, гонореја не се пренесува. Името на болеста е во женски род, но подеднакво ги зафаќа двата пола со различна манифестација (машка и женска гонореја). Зборот е од грчко потекло, gone + rhein = семе + тече. Полова болест која почнува со акутно гноење на мочните канали или само на грлото на матката кај жените. Првите симптоми се појавуваат веќе вториот ден од инфекцијата, но може и подоцна, во зависност од имунитетот (инкубација е од два до десет дена, но се случува и до 30 дена). Кај мажите болката е посилна, поинтензивно пецкање при мокрење, кое може да биде пропратено со капење гној од мочните канали како и при ерекција. Ако не се лекува со антибиотици може да се прошири на простатата, семеноводите и половите жлезди кои се лекуваат многу подолготрајно, а не е исклучен стерилитет како последица. Кај жените не се забележува гноен изцедок, но кога бактеријата е во грлото на матката може да се појави густ жолто-зелен гној со непријатен мирис. Во недостаток на видливи симптоми може да прејде во хронична состојба. Симптомите се болки во долниот дел на стомакот, пореметен циклус, болни односи. Ако прејде во хронично воспаление на јајцеводите може да предизвика вонматерична бременост или стерилитет. Бактеријата може да се развие и во устата, грлото, очните капаци и анусот. Неизлечена инфекција може да активира развивање други болести како менингитис, септикемија, ендокардитис и воспаление на зглобовите. Еднаш прележана не овозможува траен имунитет. Најзагрижувачкиот податок е нејзината сè почеста присутност кај младата популација, од 16 до 26 години, што укажува на прерана промискуитетност. Честото менување партнери и ризичен незаштитен секс, кој обично под дејство на алкохол свршува со „гони се, не те познавам“, ги прогонува непромислените во облик на гонореја – потсетување дека сексот не е игра и дека „прогонетиот“ партнер заминува … Но ја остава инфекцијата.

Г-Гестоза (токсикоза): болест на трудници која зафаќа една третина од бремените жени. Сериозно нарушување на телесната тежина во прекумерна гојазност. Обично се појавува во третиот месец од бременоста. Главна улога во ваква развојна патологија игра плацентата и недоволно снабдевање на матката со крв, што може да предизвика тромбоза и згрутчување на крвта – објаснува д-р Татјана Гуржанова.

Г-Грло на матка: за овој дел од женското тело, покрај многуте објавени научни трудови и писанија и најчестите проверки за навремено откривање малигнитети со папа тестови, ретко кој маж помислува дека всушност тоа е нежниот врат (грло) на матката преку кој е поврзана со вагината и дека при силно удирање на полетен и предолг пенис, страда од болка.

Г-Гланс: за крај, на буквата Г – неговото Височество Гланс, капа со ќулавка или најмекото место кај мажите, а не е бебешко газе, туку долна глава која често не мисли кога прави бебиња. Печуркастиот врв на пенисот е хиперсензибилниот дел заради многубројните нервни завршетоци под кожата. Оној вишок набрана кожа врз глансот, (нешто како ролка) е наречен навлака која го покрива врвот на пенисот. Навлаката спонтано се повлекува при сексуални односи, ако не се работи за обрежан пенис – тој нема навлака, отстранета му е. Глансот е анатомски хомологен со врвот на клитот, така што и ние жените гланс за „трка“ имаме.

Г – Гудвајб за крај, се читаме наредната недела со буквата Д!

 

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Д

Дааааа, Дефинитивно плодна буква, особено кога се Дрндаме со жаргонизми Добиваме Дрски термини, Длабоки До ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Next Article:

0 %