Сексуална азбука

Буква В

Ваууууу, ВРВ! Кој би го изговорил врвниот момент на водење љубов како „ВррррррВ“ во оние оргазмички секунди кога некој може да ви откине парче месо, а вие во занес да не забележите? Секако дека е врвно дело, како еден класичен роман или симфонија, блажено чувство како да си се качил на Љуботен или на некој друг врв. Но сепак, трае кратко, а доживувањата се различни колку што се и врските. Не секоја врска и врв имаат уметничка вредност.

В-ВРСКИ

Врските може да бидат краткотрајни и трајни, врски „без обврски“, врски без врска, врски во врска … Но кога сакате сериозно да се врзете за некого, направете го тоа пред да ги откриете своите ѓаволштини. Вашето алтер его може да го извадите на виделина кога сте сигурни дека партнерот е врзан за вас!

В-ВЕРНОСТ, В-ВРЗУВАЊЕ

„Поимот верност е субјективен, зависи кој што подразбира под поимот верност. За некого и помислата за неверсто веќе е неверство, додека некој е промискуитетен целиот живот оправдувајќи се дека никого не изневерува, зашто ментално не се подал никому. И двете се крајности меѓу кои има барем педесет нијанси на неверства. Но има еден факт, а тоа е: нема неверство дур не си фатен на дело, или не го признаеш истото. Сепак, претерана промискуитетност и честото менување партнери може да се сметаат за сексуална зависност и потреба за себедокажување зад која се крие несигурност. Парадоксално, но многу врски опстојуваат со неверства, така функционираат и браковите па дури си го продолжуваат векот со вонбрачни излети. Комбинаториката е различна, изневерува едниот партнер или обајцата, но има и многу врски во кои партнерите биле верни еден кон друг, а не успеале да се задржат во врската, било партнерска или законска Затоа не може да се процени штетноста од изневерувањата кои се релативни како и верноста. Релативна и субјективно е (не)прифаќање на партнерската врска и врзаноста. Врзувањето, пак, само за еден партнер и чувството дека не се може без него, може да доведе до патолошка љубомора и страв од напуштање или разделба. Човек може да биде верен како лебед ако е задоволен првин со себе, а потоа со партнерот“, ни објаснува проф. Викторија Вујовиќ.

В-ВУЛГАРНОСТИ во вокабуларот

Вулгарностите во вокабуларот се стара тема и комуникациски феномен. Пцостите станаа израз на сликовитост, речитост, дури и духовитост! Момо Капор има духовита анализи на феноменот под наслов „Српске псовке и како их превести“. Истиот проблем би го имале и ние, на еден странец да му го преведеме богатиот репертоар на кавадарчанецот, со изразита сликовитост, роднинска и полова застапеност (мајка, татко, брат, сестра, а понекогаш и тетка …). Србите, а богами и Грците, го пцујат Господ (светец) и тоа многу пожестоко од Родољуб Петровиќ во легендарната серија „Позориште у кући“ со пцостот „Бога вам пољубим!“

Американецот би почнал со „шит“, би се загреал со „фак ју“ и би кулминирал со „сан оф а бич“. На француски тоа би дошло како поезија, ноблес со опсценост „никуес та мер“, а на германското „шајзе“ му одговара француското „мерд“. Колоритот на германските непристојни изрази се врти околу задникот. Задникот е круна на непристојност: „лег ми раск“. Од наведените примери можеме со „гордост“ да констатираме дека ни нема рамни во пцуењето. Патем, ние изразуваме позитивни емоции, кога пцуеме – пцуеме од задоволство! Но, зошто вулгарностите и опценоста се поврзани со сексуалноста, ни објаснува професорката Татјана Стојаноска-Иванова:

„Катадневно и жаргонски често употребуваме вулгарности, секој од нас вклучувајќи го и интелектуалецот, свесно или несвесно. Опценоста не прескокнува ниеден слој, нема правила дека е израз само на нешколувани луѓе. Напротив, хипокризијата во битот е присутна кај интелектуалците кои изразуваат негодување и неприфаќање туѓо мислење преку пцост. Изборот на погрдни зборови е речиси секогаш поврзан со сексот, сексуалноста и сексуалните органи, затоа што темата секс сè уште е табуизирана и ранлива, таквите пцости се најсочни за да повредиме некого во неговата интимност. Кога не се зборува отворено за сексуалноста во семејствата, а се пцуе, се добива ефектот дека сè во врска со сексуалноста е навредливо. Некои пцости кријат потсвесни сексуални фантазии, ниски страсти, т.н. вулгарно-морална хипокризија и кај образовани луѓе кои глумат висок морал, а пцостите им се перверзни. Кај мажите кога ќе видат убава жена, тоа може да предизвика потреба да зборуваат што би ѝ направиле … Својата машкост или фантазија да ја изразат јавно со вулгарен израз.“

ВУЛГАРНОСТ ВО КРЕВЕТ

„Ја сакаат мажите, им причинува дополнителен стимул и алатка за кревање на либидото. Тоа е игра на зборови и нивна интимност која треба да ја разбере жената. Во природата на мажите е потребата да се потенцира чинот и нивната сексуалност. Умешноста на жената е да го осети тоа кај мажот, да биде партнерски ускладена на обострани задоволство, а не сервилност на „слугинка“ или „робинка“ во кревет (освен ако не е дел од сексуалната игра во која обајцата уживаат). Ова е тема околу која се плетат митови и предрасуди, во смисла дека вулгарните зборови не можат да поминат низ устата на една префинета дама или интелектуалка. Митови! Колку е жената поеманципирана и продуховена толку подобро може да се вклопи во интимноста со партнерот во кој има доверба за слобода на говор без цензура. Нема ништо перверзно и вулгарно ако е заемно и зад заклучена врата.

В-ВЕШТИЦА

Професорот и писател Венко Андоновски во романот „Вештица“ романсиерски раскажува за најголемиот геноцид врз жените во средниот век, од страна на инквизицијата и импотентните мажи кои ги палеле на клада главно привлечните жени, заради нивната атрактивна природа. Кога не можеш да ја поседуваш или скротиш, вештата жена нека гори на клада како вештерка! Католичката црква ги прогонува вештерките од 13 до крајот на 18 век на териториите на Германија, Англија, Шпанија, Швајцарија, Австрија, Унгарија и Шведска, каде што биле запалени девет милиони жени прогласени за вештерки. Причината е во противполовата идеологија на црквата, која во човековата сексуалност ги гледа сите зла, а во жената заводница, поткрепено со библиската приказна за Адам и Ева и забранетото овошје. За средновековниот маж, жената е извор на грев, извор на страст, морални и материјални опасности. Таквото неразбирање на женската сексуалност и незнаење создава неприродна омраза и амбивалентност на мажот кон жената, која резултира со садизам и масовно уништување на женскиот род. Во такви бизарни услови на спречување на природната сексуалност, психичкиот деформитет и масовната сугестија довеле до хистерија кај жените, кои од мака прифаќале да веруваат дека се вештерки признавајќи дека си имаат работа со ѓаволот. Од монструозниот избор направи за изнудување признанија, да ја издвоиме т.н. шпанска чизма со која го растегнувале телото на маченичката сè додека не признае дека е вештерка, како и драматичната постапка фрлање во вода со заврзани раце и нозе, па ако исплива на површина – не е вештерка! Ај испливај врзан, освен ако не си Хари Худини. Воздржи си го сексуалниот нагон ако не си асексуален! Најголемите непријатели на човекот отсекогаш биле стравот и неукоста.

Од социолошки аспект објаснува проф. Татјана Стојаноска-Иванова:

„Мрачниот среден век бил мрачен во секој поглед. Дури и големите умови и филозофите од тоа време, како свети Августин, ја застапувале идеологијата за телесна чистота за да не се наруши светиот божји мир. Ако мажот од разни причини не можел или не сакал да ја задоволи жената, најлесно му било да ја обвини дека е во сојуз со ѓаволот кој ја задоволува, нивната природна и здрава потреба се сфаќала како настраност, игра со ѓаволот. Дури и денес во заостанатите африкански племиња, ако фатат жена да се самозадоволува или во неверство, поглаварот ја закопува во песок со главата надвор, за да ѝ даваат малку вода додека се прочистува од гревовите.“

В-ВОАЈЕРСТВО

Во ерата на компјутерите сите станавме воајери, sиркачи во туѓи кревети и спални. Добрата страна на социјалните мрежи е што ги симна од репертоар оние т.н. „пазачи“, егзибиционисти кои на препад излегуваа од грмушки, или темни ходници, за да ви го покажат телото со откриен полов орган. Сега телата се на „сил ву пле“ по сите електронски мрежи, згора на тоа имаат и лајкови и коментари, а никој не е препаднат, а ни пропаднат под земја од срам. Им го упропастивме „занаетот“ на егзибиционистите, но затоа тука се реалити емисиите. Воајерството е медиумска дисциплина „гледаност со ширум отворени очи“. Да не ја спомнувам Јавна соба и реперкусиите врз заведените жртви-тоа е тема и предмет за судски процес.

„За воајеризмот од социолошки аспект и неговата присутност, може да се дискутира преку масовната гледаност на реалните шоу-емисии, кога јавно се покажува нечија интима, се зборува за туѓиот сексуален живот, се иницираат сцени на сексуалните сладокусци кои се возбудуваат само кога гледаат или слушаат“, вели професорката Татјана Стојаноска-Иванова.

„Воајеризмот спаѓа во групата растројства на сексуална преференца и се карактеризира со повремена или опстојувачка тенденција за гледање други личности во текот на сексуалниот чин или во текот на интимното однесување, како на пример соблекувањето. Воајерот доживува сексуална возбуда и мастурбира без знаење на набљудуваниот. Воајеризмот може да биде единствена сексуална активност, но и повремена сексуална потреба за таква активност и може да се засилува при зголемена напнатост, емоционални кризи или стресни ситуации“, објаснува д-р Славица Арсова.

В-ВУЛВА

Женски полов орган, надворешно видлив отвор или предворје на вагината, украсен од двете страни со усни, големи и мали, т.н.венерини брегови како амортизациски перничиња кои при сексуална возбуда набабруваат и се полнат со крв. На двете страни има канали, наречени Бартолиниеви жлезди кои лачат секрет со кој се влажни вагината, особено при сексуална возбуда. Над отворот на вулвата се наоѓа уринарниот канал или уретра, а над неа клиторисот. Помеѓу вулвата и вагината се наоѓа хименот на една вирго интакта жена, во минатото свето место, а денес, меѓу другото, место за калкулации, манипулации и хименопластика. Верувале или не, секоја жена има различна вагина и со нејзиното височество вагината може да доживеете „вагинални монолози“ во драматична верзија според истоимениот текст на Ив Енелер, преку монолози на неколку жени од различни општествени слоеви кои зборуваат за своите вагини, правата на жените и нивната дискриминација.

П.С. Без оглед што ние жените се жалиме на полова дискриминација, сè уште нема текст и драмска изведба со слична динамика за „Пенисни монолози“. Веројатно заради потребата на мажите да се премеруваат во сантиметри, секој монолог би завршил со додавање сантиметри, користење на стилски алатки како хиперболизации, градации, компарации и симболи, што не би било верно на приложеното.

В-ВАГИНИЗАМ

Вагинален грч на мускулот на вагината пред почетокот на половиот однос, при што се оневозможува пенетрација, како и во текот на половиот однос при што доаѓа до пенис каптивус или заробен пенис кој не може да излезе од вагината.

П.С. Би било пакосно да замислиме како би изгледало едно такво заробување на полов орган на непознат или полупознат (позајмен) партнер и така неразделно во пакет трето лице да ги носи на медицинска интервенција …

В-ВЕНЕРИЧНИ БОЛЕСТИ

Венеричен лимфогранулом, се пренесува преку полов однос, а се манифестира со раничка на половиот орган кај обата пола. Ако не се лекува на време вирусот станува хронична полова болест, отекуваат лимфните жлезди на препоните, во близина на анусот и може да загнојат.

В-ВАГИНАЛНА КАНДИДИЈАЗА

Безопасна габична инфекција, но доволно упорна и непријатна за да ви го упропасти сексуалниот живот како и килотите. Симптомите се чешање, пецкање, сирест бел исцедок, понекогаш оток или црвенило.

Се лекува со вагинални таблети или кремови кои се нанесуваат во вагината, а кај мажите – со крем или апче за пиење. Причини за појава може да бидат долготрајно користење на антибиотици, парфимирани сапуни или купки, бременост, дијабетес, стрес и слаб имунитет.

П.С. Кандидата е откриена во египетските гробници и кај мажите, значи докажано ја имаат, така што кога тврдоглаво одбиваат да се лекуваат под изговор дека ништо не им е, направете нешто да им биде, скратете им некое задоволство.

В-ВОНМАТЕРИЧНА БРЕМЕНОСТ

„Тоа е забременување надвор од матката, кога јајце-клетката ќе се оплоди во јајоводот, или во стомачната празнина, пред да влезе во јајоводот и поради разни патолошки промени ембрионот не може да стигне до матката. Причини може да бидат задебелени и сраснати јајоводи, поради хронични воспаленија, сексуално преносливи инфекции, ендометриоза или природни аномалии на кои отпаѓа 1%. Поради анатомската невозможност за правилен развој на ембрионот, за два-три месеци доаѓа до прскање и внатрешно крвавење, кое ако не се реагира навремено може да доведе до смртни последици“, објаснува д-р Татјана Гуржанова.

ВАУУУУУ, ВИЈАГРА!

Еректилната дисфункција не е толку голем проблем кај мажите, колку што е голем срамот и предрасудите да се побара помош од уролог. Мажите, најчесто сами на своја рака, со препорака од пријател или информации од интернет, решаваат како до ерекција со помош на апчиња. Дисфункцијата може да е психогена (кај помладите) и органска (кај постари мажи), но и двете се решливи ако се побара соодветна помош. Проблемот е кога се консумираат апчиња на црно кои не се доволно испитани и може да предизвикаат смрт. За машките проблеми д-р Маја Софрониевска-Главинов:

В-ВИЈАГРА (силденафил) е лек од групата на 5 фосфодиестераза инхибитори, кој се употребува по препорака на лекар за третман на еректилна дисфункција. Постојат четири групи на вакви лекови, но вијаграта останува како најпрепознатлива од нив. Дејствува на воспоставување и одржување на ерекцијата кај мажите. Може да се најде во различни дози од 25 мг, 50 мг и 100 мг. Особено е важно дека не смее да се зема ако мажот истовремено е на терапија со нитрити заради срцева слабост. Исто така, пациентите кои имаат нерегулиран висок или низок крвен притисок, како и оние кои прележале инфаркт во изминатите 6 месеци, не би смееле да го користат овој лек.

Лекот не се препорачува кај помлади од 18 години и кај жени. Како несакани ефекти од земањето на лекот можат да се јават заматеност на видот, секреција од носот, чешање на кожата и гадење. Со прекин на земањето на лекот сите овие ефекти исчезнуваат.

П.С. Кога ќе ви падне моралот, не го кревајте на своја рака, 21 век е, и ич не е мажествено да се умре од погрешно кревање на моралот!

В-ВАЗЕКТОМИЈА е подврзување на семеводите кај мажот. Тоа е хируршка процедура која се изведува со цел да се прекине патот на спермата и да се оневозможи оплодувањето на жената. Оваа процедура се изведува исклучиво во болнички услови по претходно барање на пациентот, кој потпишува согласност.

Вазектомијата може да се направи со локална или општа анестезија. По изведувањето на оваа интервенција, мажот е стерилен т.е. не може да има потомство.

В-ВАРИКОЦЕЛА е проширување на венските крвни садови (венски сплет) кои го опкружуваат тестисот. Се манифестира со оток на тестисот и тапа болка, која се засилува по интензивен физички напор. Најчесто се јавува на левиот тестис заради анатомијата на влевање на левата сперматична вена под прав агол во левата ренална вена. Заради овој агол доаѓа до побавно течење на крвта од левиот тестис, а заради тоа се зголемува притисокот на крвта во тестикуларната вена и таа почнува да се проширува. Ова проширување може да биде мало (прв степен) до големо (трет степен) и да се манифестира како „вреќичка со црви“ околу тестисот. Колку е степенот поголем, толку е поголема веројатноста да се наруши сперматогенезата во болниот тестис и тоа да биде причина за стерилитет кај мажот. Лекувањето е оперативно и се состои од подврзување на тестикуларната вена.

П.С. Не им е лесно ниту на мажите, за среќа или за несреќа, служењето воен рок се укина!

 

Можеби ќе ви се допадне

Сексуална азбука

Буква А

Ааах тој секс… Неверојатно колку многу се користи буквата А при сексуални односи, или повозвишено ...
Сексуална азбука

Буква Г

Грррр … Громогласна, Грлата, Грешна, Голем, Галантен, Геј, Големина – некому фрустрација, некому сатисфакција. Буква ...
Сексуална азбука

Буква Д

Дааааа, Дефинитивно плодна буква, особено кога се Дрндаме со жаргонизми Добиваме Дрски термини, Длабоки До ...

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Next Article:

0 %